„Дефилирај, не се фолирај“ – акција на Црвен крст за промоција на хумани вредности

Секоја година во рамките на програмата Црвен крст во Акција – Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) се одбележува недела на Промоција на хумани вредности, од 21 до 27 септември. Оваа година ПХВ дефиле ќе се организира на 25 септември со почеток во 11.00 часот, во секој град низ државата. Од Црвениот крст велат дека целта на настанот е сите заедно да испратат моќна порака за вклучување, соживот, толеранција и мир.

Организаторите најавуваат дека младите ќе одржат креативни работилници на кои ќе се изработат пораки за вклучување, мир, разбирање под мотото “Дефилирај, не се фолирај!”, “Defilo, mos u shtie!”

Во Скопје настанот ќе започне во 11.00 пред СУГС ”Орце Николов”, и 500 лица ќе се движат по бул. Илинден до крајната дестинација „Школка“ во Градски парк каде ќе има и пригодна програма. Рутата за дефиле ќе биде во должина од 2 км и за време на дефилето, учесниците ќе ги придружува Градскиот оркестар.

Долж рутата, ќе дефилираат млади волонтетери, ученици, студенти, лица од трето доба, лица со попреченост… заедно во името на хуманите вредности.

Програмата Црвен крст во Акција- Промоција на Хумани Вредности (ЦКА-ПХВ) претставува национална алатка за привлекување и задржување на волонтери во Црвениот крст на Р. Северна Македонија.

„Младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Тие во текот на овие обуки добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата во којашто живеат, а при тоа се охрабрени да ги користат сопствените капацитети за изработка на проектите преку кои помагаат на ранливото население“, велат од Црвениот крст.

Во текот на цилкусот 2019 година обуката ја поминале 1.100 младинци, и биле изработени 150 мали проекти за добробит на заедниците во коишто живеат. Преку овие проекти тие помогнале и поддржале околу 3.800 лица од различни ранливи категории, вложувајќи околу 34.000 волонтерски часови.