Децата да не заспиваат и ручаат со електронски уреди, предупредуваат докторите

Родителите не треба да дозволуваат децата да ги носат смартфоните, таблетите или други електронски уреди во нивните спални соби, или пак да ги користат за време на оброците, порачуваат британските доктори.

Ова се две од вкупно осумте препораки кои ги објавија водечките медицински експерти со насоки за родителите како да се справат со користењето на технологија на нивните деца.

„Времето поминато онлајн може да биде голема придобивка за младите, обезбедувајќи можности за учење и развивање вештини, како и овозможување да најдат поддршка и информации. Но, мора да имаме претпазлив приод и нашите совети се во насока на поддршка на децата да ги искористат овие придобивки и да ги заштитиме од злоупотреби“, вели Дејм Сали Давис, главниот медицински експерт за Англија.

Додека експертскиот тим вели дека нема доволно докази со кои би поткрепиле евентуални препораки околу оптималното време кое децата треба да го поминуваат на интернет или пред екраните, сепак постојат докази за пошироките аспекти од користењето на технологијата од страна на децата – како нарушувањето на сонот.

Родителите добиваат и критика во препораките. И покрај тоа што се порачува да ги разговараат можните злоупотреби на слики, текст и видеа на интернет со нивните деца, препораките бараат возрасните да го намалат и сопственото прекумерно споделување содржини.

„Родителите и старателите не смеат никогаш да претпостават дека нивните деца се среќни со споделувањето на нивни фотографии. Кога имате дилема – немојте да објавувате онлајн!“, стои во експертските препораки.

Медицинските експерти препорачуваат и повеќе понатамошни истражувања, а упатуваат и повик до технолошките компании тие да споделуваат анонимни податоци со кои би помогнале во истражувањата. Докторите велат и дека оние кои продаваат технологија треба да се осигураат дека потрошувачите се свесни за услугите за заштита на децата и да им укажат како да ги употребуваат.

„Со децении технолошките гиганти не успеваа да ги заштитат нивните млади корисници. Повеќе не можеме да си дозволиме да трошиме време и да чекаме тие самите да го средат тоа. Ја повикуваме владата итно да изработи закони со кои социјалните мрежи ќе бидат одговорни и ќе бидат казнети доколку не успеваат да ги зачуваат децата безбедни“, стои во препораките.

8-те препораки до родителите и старателите се:

  • Обезбедете доволно квалитетен сон. Оставете ги телефоните надвор од спалните соби кога е време за спиење.
  • Разговарајте околу споделувањето фотографии и информации на интернет и тоа како фотографиите и зборовите некогаш може да се манипулираат.
  • Бидете сигурни дека вие и вашите деца сте свесни и ги следите училишните правила за поминување време пред електронски уреди.
  • Земете пауза меѓу неколку часови на седење или лежење пред екран.
  • Советувајте ги децата да не ги користат електронските уреди додека поминуваат улица или додека прават активност која бара нивно целосно внимание.
  • Разговарајте со децата за користењето на екраните и околу она што го гледаат. Промена во однесувањето може да значи дека се под стрес, осигурете се дека тие ќе знаат дека можат секогаш да зборуваат со возрасен доколку се чувствуваат непријатно со користењето електронски уреди или социјални мрежи.
  • Размислете за оброци без електроснки уреди, за да имате разговори лице во лице, а возрасните да го даваат целото внимание на децата.
  • Обидете се да користите сервиси на некои уреди и платформи кои ќе го следат времето поминато пред екран или на социјални мрежи