Деца од социјални семејства нема да плаќаат партиципација за лекување

На предлог на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за здравство, Владата  јa разгледа и усвои Информацијата за ослободување од учество (партиципација) при користење на здравствени услуги на лицата до 18 години возраст, чии семејства се корисници на правото на социјална парична помош.

На вчерашната владина седница, се разгледа и усвои и Информацијата за започнување на Проектот за изградба на комплекс Универзитетски клинички центар во општина Карпош. Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски, и соодветните институции и општина Карпош, да извршат измени во урбанистичките и катастарските и други планско урбанистичко – проектни документи за 2018 година.

Со оваа одлука на Владата, Министерството за здравство треба да му препорача на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, да формира Стручна комисија и да спроведе јавен конкурс за идејно решение на дел од комплексот Универзитетски клинички центар.

На вчерашнаѕа седница беше утврден и Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства. Овој предлог за ново законско решение има за цел обезбедување на сигурни, квалитетни и безбедни лекови за потребите на пациентите во Република Македонија од паралелен увоз, обезбедување на лесно достапни податоци за лекот на надворешното пакување за здравствените работници, како и пофункционално и поефикасно работење на Комисијата за цените на лековите.