Дебатерки од Израел: Дебатата нѐ научи да слушаме

Моника Форман и Став Сингер се студентки на магистерски студии по филозофија во Израел. Минатата недела се натпреваруваа на дебатниот турнир Skopje Open организиран од Младинскиот образовен форум. .

Моника вели дека започнала да дебатира откако сфатила дека нејзините вештини и желби не би биле остварени на друг начин.

„Сфатив дека преку дебатирање можам да зборувам за повеќе проблеми, не само за одредена група на теми кои се дозволени за дискусија на универзитетите. Натпреварувајќи се на турнири, запознав многу интересни луѓе и ги слушнав нивните гледишта на одредени теми. Така научив да ги користам сопствените зборови за да поттикнам некој да размислува на начин на кој инаку не би размислувал“, смета Форман.

Дебатата е важна на општествено ниво, вели таа, бидејќи ги учи луѓето да сфатат дека нивното мислење не е единствено и секогаш точно. Истовремено, додава, дебатата учи на критичко размислување, но бара и да се ислуша соговорникот.

„Многу често слушаме за таканаречени политички дискусии, во кои секој само се труди да вика погласно од противникот. Дебатата те присилува логички да го претставиш своето размислување, но и да покажеш зошто твојот противник не е во право со факти и аргументи“, вели таа.

Сингер, освен што учествува на турнири, работи како тренер на дебатери почетници.

„Кога прв пат видов вистинска дебата, бев воодушевена. Ме фасцинираше можноста да застанам и зборувам додека другите се должни да ме ислушаат и да размислат за нештата кои ги искажувам. Мислам дека дебатирањето е уникатна платформа и сум многу среќна што имам можност да бидам дел од неа. Ме радува и што можам да помогнам и други деца да го учат ова“, заклучува таа.

Во Израел, велат дебатерките, нема добри дебати и традиција на дебатирање како во Англија или САД. Сепак се надеваат дека нивниот труд да ја прикажат оваа форма на изрзување на повеќе луѓе еден ден ќе вроди со плод.

„Еден од најголемите проблеми е што поголем дел од времето, децата се изложени на многу екстремен дискурс на тврдења и ставови кои немаат реално и логично објаснување, а се пласирани во медиумите. Мислам дека дебатата е еден начин за тоа да се промени. Ме радува што има сѐ поголем интерес, но сѐ уште нема доволно голем обем и не е толку популарна во Израел како во други места во светот. Се надевам дека ќе стигнеме таму и ќе видиме промена“, вели Сингер.

Таа смета дека дебатата може да инспирира и да ги натера сите да го кренат гласот. Вели дека секојдневно го гледа тоа кај своите ученици – на почетокот дебатата им е претставена како игра, и им кажува дека таму се слободни од стравот од јавно говорење и заземање одредена страна за нешто. Тогаш прв пат држат говор, и иако може да се случи да се збунат, на публиката не ѝ е дозволено да се смее. Вели дека така полесно ја градат самодовербата и постигнуваат повеќе, се обидуваат и самите.

Од деновите поминати во Македонија, велат дека сфатиле дека државите се многу слични.

„Мислам дека фактот што и двете земји имаат политички кризи и различни внатрешни и надворешни судари, на ироничен начин, токму тоа ни дава вистинско искуство да се покажеме добро при дебатирањето, бидејќи се соочуваме со вистински проблеми. Кога еднаш си бил дел од народ кој има сериозни проблеми и живее во земја со бавен развој, полесно знаеш да го преточиш тоа искуство во аргумент“, забележува Форман.

Сингер додава дека луѓето во Македонија се многу љубезни и се чувствуваат добродојдено во Скопје.

„Впечатокот го формирав уште откако влегов во таксито кое нѐ донесе до овде. Возачот ни раскажа многу лични работи за себе, но изгледаше како рефлексија на целата нација, бидејќи живеел и на други делови од Балканот, видел војна, видел независност само во неговиот животен век. Ова патување беше поучно искуство уште од самиот почеток“, заклучува.

Стефанија Тенекеџиева