Да се направи ревизија и да се продолжи рокот за аплицирање – НМСМ реагира за оглас на Агенција за млади и спорт

Националниот младински совет на Македонија реагира за транспарентноста на објавен оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации на Агенцијата за млади и спорт.

Се однесува за оглас објавен на 1 ноември на веб-страницата на Агенцијата. Од НМСМ сметаат дека објавениот повик не е доволно промовиран, ниту младинските организации се информирани за можноста за финансиска поддршка.

„Дадениот рок од само осум (8) дена, од кои само пет (5) се работни, е прекраток за организациите да можат да се информираат за повикот и да ја подготват неопходната документација. Ваквата практика на Агенцијата за млади и спорт е загрижувачка и не остава простор за широко информирање на младинските организации и организациите за млади“, реагираат од НМСМ.

Тие се разочарани што АМС не прифатила ниту една препорака од консултативните средби за конкретниот повик.

Бараат итно да се направи ревизија, објавениот повик да се промовира во јавноста и да се продолжи рокот за доставување на апликации.

„Прашуваме зошто Агенцијата за млади и спорт прави консултативни средби со младински организации кога нивните препораки не ги зема во предвид? Дали консултациите се само декларативно покажување на отвореност и соработка или Агенцијата за млади и спорт навистина се стреми да работи со и во интерес на младите и младинските организации?“, прашуваат од НМСМ.

Оттаму посочуваат Агенцијата за млади и спорт за идните повици да направи календар кој предвремено би најавувал кога би имало отворени повици за грантирање на младински организации со однапред утврден рок, со цел организациите да имаат доволно време за подготовка.