„Црнила Ремикс“ и „Pijammies“ на 16 јуни на заедничкиот стрим на МКЦ и Кино Шишка

Продолжува соработката за онлајн концерти во време на кризната состојба на МКЦ од Скопје и словенското Кино Шишка од Љубљана, кои утре (16 јуни) ќе одржат нов заеднички крос-стрим настан.

Најпрво од 21 часот, Кино Шишка го организира настапот на словенскиот фанк-џез состав „Pijammies“.

Потоа од 22 часот следува „Црнила Ремикс“ во организација на МКЦ.

„’Црнила Ремикс’ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на ‘Зад Аголот’ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп субкултурата“, се вели во најавата за онлајн настанот.

Идеја и режија на „Црнила Ремикс“ е на Јордан Симонов, а музика и препев – Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад Аголот“).

Улоги: Луков – Стефан Вујисиќ, Фезлиев – Александар Михајловски Хонда, Иван – Владимир Петровиќ, Методи – Горан Ников, Младичот – Ненад Анѓелковиќ, Неда – Сања Арсовска, Христов – Павле Димковски.