Четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ наградени на натпревар за воздушен и вселенски сообраќај во Берлин

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 кој традиционално се одржува во Берлин, Германија.

Заедничкиот проект изготвен од учениците од 4б одделение Ние и Ербасбеше координиран од двајца наставници во својство на ментори Елена Угриноска и Стефан Симовски.

Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири.

Проектот на учениците од ова скопско училиште успешно ја помина прелиминарната фаза на натпреварот и влезе помеѓу десетте најдобри проекти, а за својот конечен пласман наградените добија соодветни дипломи и прикладен трофеј (автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: Ербас Белуга во размер 1:200).

Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас).