Четврто издание на „Т’к Так Фест” на 5 септември

Четвртото издание на единствениот македонски демофестивал „Т’к Так Фест” годинава ќе се одржи на 5 септември во Кавадарци.

„Причината за новиот датум на одржување на фестивалот кој ја продолжува мисијата на Трајко Каров за промоција на демо бендовите е поклопувањето со традиционалната туристичко-културно уметничка манифестација Тиквешкиот гроздобер 2015″,  соопштија од организациониот одбор на фестивалот.

Оттаму најавуваат дека наскоро ќе биде објавен и финалната програма за четвртиот „Т’к Так Фест”, каде покрај минатогодишните победници „Chromatic point“, ќе настапат повеќе интересни имиња од македонската рок сцена.

Во меѓувреме трае и  конкурсот  на кој за учество на фестивалот може да се пријават сите млади бендови од земјава. Бендовите ќе се натпреваруваат за наградата „Трајко Каров“ која се доделува за најдобар тапанар и ќе изнесува 30.000 денари. Во наградите е вклучено и снимање во професионалните студиа.

Заинтересираните треба да поднесат кратка биографија за бендот, линк од демо снимки на две авторски песни поставени на приватен youtube канал, а должината на една композиција не смее да надминува повеќе од 5 минути, како и читлив текст на песните со кои се аплицира.Материјалите може да се испраќаат на e-mail адреса:tk_tak_fest@yahoo.com.