Центар за граѓански комуникации: Ниска транспарентност на претпријатијата во државна сопственост

Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28% од можни 100%, е еден од клучните на наоди на новото истражувањето што го објави Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето покажува дека ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60%).

„Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето. Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31%, а претпријатијата основани од општините 27%. На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52%, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0% се наоѓа АД  Градски трговски центар“, се дел од клучните наоди во истражувањето.

Понатаму, Центарот истражил дека rечиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори.

„Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67% од претпријатијата“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Истражувањето Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост е достапно и на opendata.mk.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.