„Буден театар“ организира креативни работилници за деца во ресенскиот и кратовскиот регион

Во следните два месеци во Ресен, Кратовo и околината ќе се случуваат работилници наменети за деца кои ќе ги водат локалните учесници во проектот „Триаголници на соработка“ кои претходно следеа обука спроведена од тимот на „Буден Театар“.

Учесниците ќе реализираат по една работилница неделно во својот регион. Во текот на месецот мај на секоја од локациите ќе биде изведена по една претстава од репертоарот на „Буден Театар“ во организација на учесниците, што исто така е дел од нивната проектна обука од областа на продукцијата на  културни програми за деца. Во последната фаза на проектот, учесниците ќе спроведат шест летни театарски кампови, за време на кои заедно со децата ќе создадат  претстави на отворено.

Проектот „Триаголници на соработка“ предлага одржлив модел на соработка село-град-село, тетсиран во два одбрани триаголници: Ресен-Подмочани-Крани и Кратово-Злетово-Крилатица, со што ги поттикнува заедниците да споделуваат ресурси и капацитети во планирање, организирање и спроведување на културни програми за деца. Фокусиран е и на подигање на професионалните капацитети на локалната младина, нудејќи шестмесечни обуки од областа на продукцијата на културни содржини наменети за деца, како и директна креативна работа со деца со цел подигање на фреквентноста и квалитетот на културните содржини наменети за деца во помалите урбани и рурални области.

„Буден Театар“ е независен театарски колектив активен од 2009 год. Продуцира претстави за возрасна и детска публика, организира детски креативни работилници, работилници за професионална надоградба во полето на театарот, а почнувајќи од 2012 год. го организира Меѓународниот фестивал за детски театар ФЕНЕР. Буден Театар имплементира проекти кои го користат театарот како средство за задвижување на позитивни промени во општеството. Во 2016 год. реализираше серија проекти кои пркосеа на стигматизацијата на децата бегалци и помагаа во нивната социјална интеграција. Од 2017 год. започна со регионално делување, со цел достапност на културата и во помалите средини.