Бројот на починати надмина 6 милиони – пандемијата со Ковид-19 влегува во третата година

Официјалниот број на смртни случаи на глобално ниво од Ковид-19 надмина 6 милиони, додека пандемијата влегува во третата година, јавува „Асошиејтед прес“. Последните милион смртни случаи се забележани во последните четири месеци, според извештајот на Универзитетот Џон Хопкинс.

Оддалечените пацифички острови, чија изолација ги штитеше повеќе од две години, сега се борат со нивните први инфекции и смртни случаи од Ковид-19, поточно од Омикрон варијантата.

Хонг Конг, кој забележува пораст на смртни случаи, го тестира целото свое населени од 7.5 милиони три пати овој месец, бидејќи се држи до „нула-ковид“ стратегијата на Кина.

Додека стапката на смртност останува висока во Полска, Унгарија, Романија и други источноевропски земји, во регионот пристигнаа повеќе од 1.5 милиони бегалци од Украина која има ниска стапка на вакцинација, како и високи стапки на новозаразени и смртни случаи.

САД се приближуваат до 1 милиони смртни случаи, што е официјално најголемиот број на смртни случаи во светот.

И покрај огромната бројка од 6 милиони смртни случаи, што претставува повеќе од популацијата на Берлин и Брисел заедно, експертите велат дека бројката е потценета, а во реалноста е многу поголема.

Севкупно, регистрирани се околу 450 милиони инфекции на коронавирус.