Британските училишта ќе ги учат децата за лажните вести и дезинформациите

Секое дете во Британија ќе учи за ризиците од лажните вести на интернет и склоноста за потврда (confirmation bias) како дел од задолжителните училишни програми, откако владата објави нов училишен правилник за безбедноста.

Наставниците треба подобро да ги подготвуваат учениците за ризиците од „лажните вести“ и дезинформациите на интернет, предупреди британскиот министер за образование Дамиан Хиндс, пренесува Индепендент.

Според новите правила, наставниците ќе треба да им помагаат на децата да учат и да го оценуваат она што го гледаат на интернет, како да ги препознаат техниките кои се користат за убедување, како да се идентификуваат потенцијални ризици и како и кога да се бара поддршка.

Од британската влада соопштија дека новите насоки ќе овозможат децата да „ги препознаат и да одговорат на лажните вести поефикасно и да направат разлика меѓу погрешните информации и дезинформациите.

„Ширењето на лажни вести може да ја уништи довербата, да направи штета врз културата на учење и да ја ослаби љубопитноста“, стои во соопштението на министерството за образование.

Една од главните теми кои британската влада сака да ја адресира е анти-вакциналното движење.

„Угледот на институциите и компаниите и самата либерална демократија брзо може да се наруши преку ширењето на таканаречените „лажни вести“. Од античките времиња пропагандистите барале начини да ја манипулираат вистината. Но, во интернет ерата овие техники се достапни, не само за државите, туку и за групите кои спроведуваат кампањи и индивидуи. И ефектите на мрежите на социјални медиуми и моќта на „лајковите“ значат дека тие можат да се шират сами од себе. Она што започнува како дезинформација, намерни неточности, се реплицираат преку погрешните информации, ширејќи нешто што може да верувате дека е точно, но не е“, додал Хиндс.

Според правилникот, учениците ќе учат за интернет безбедноста во различни делови од наставните програми на возраст од 11 до 16 години.