Британка задржана во Дубаи бидејќи пишала пцовка на „WhatsApp“

Британска кадровска менаџерка е задржана во Дубаи откако ѝ  пратила пцовка на цимерката на „WhatsApp“ при расправија за трпезариската маса.

Жената, која се обидувала да се качи на лет кон Лондон од аеродромот во Дубаи била спречена од емиратската полиција. Таа живеела во ОАК од 2018 година, а требало да се пресели во Велика Британија и таму да почне да работи на ново работно место.

Опишувајќи го својот проблем во групата „Притворени во Дубаи“, жената кажала дека била спречена да се качи на својот лет и била советувана да се обрати кај аеродромската полиција.

Жената истакнала дека побарала помош од полицијата на аеродромот, но била игнорирана без и самата да знае зошто не може да се качи на авионот. Таа потоа била одведена во три различни полициски станици, за конечно да биде информирана дека е пријавена од нејзина поранешна цимерка поради употреба на пцовка при комуникација на „WhatsApp“ која се случила пред неколку месеци. Двете цимерки се расправале која да ја користи трпезариската маса за време на каратинот.

Полицијата ѝ  кажала дека најверојатно таа ќе треба да плати казна или да прележи кратка затворска казна. При испитувањето британската државјанка го признала прекршокот и дала сведоштво. Нејзиниот пасош бил конфискуван, исто како и нејзиниот телефон кој бил одземен за форензичка анализа. Жената по кратко време била ослободена со кауција. Таа моментално престојува кај познаничка и чека да започне судскиот процес.

Но, бидејќи нејзината виза истекува на 12 февруари таа се плаши дека ќе треба да се соочи и со поголеми казни.

„Ова ме цеди и физички и психички. Ограничувањата при комуникацијата прави сè да биде десет пати потешко, се чини дека тие не разбираат дека веќе немам ниту стан, ниту работа, ниту пари. Се враќам назад засекогаш. Во сите три станици ја молев полицијата да ми помогне“, пишала жената во својата објава.

Таа истакнала дека се обидела да стапи во контакт со поранешната цимерка, која на тоа одговорила „Институциите ќе ти кажат што да правиш. Не ми досадувај, зафатена сум“.

Дубаи има воведено строги закони за кибер криминал, а онлајн навредите казниви со закон. Доколку некој е навреден, макар и преку „WhatsApp“ казната може да биде една година затвор или парична казна до 500,000 дирхами.

Засега, жената која сака да остане анонимна, добива помош од британската амбасада во Дубаи.

Извор: Independent