Британија набавува тестови за коронавирус што се прават дома за 15 минути

Комплетите од тестови за коронавирус кои за 15 минути може да се направат дома, ќе бидат достапни за британската јавност во рок од неколку дена, изјави директорката на службата за јавно здравје на Англија.

Илјадници тестови ќе бидат донесени во аптеките или испорачани преку Амазон на лица со симптоми кои се самоизолирале, веќе следната недела.

Професорката Шерон Паукок, директорка на службата, им рече на пратениците во Комитетот за наука и технологија, дека тестовите ќе бидат „дистрибуирани до заедницата“.

Министерот за здравство Мет Хенкок изјави дека владата на Велика Британија купила милиони тестови во вторникот и ќе нарача уште милиони.

Тестот за антитела вклучува боцкање на прст и анализирање на капка крв во уред кој изгледа како тест за бременост. Тестот ќе му покаже на лицето што го користи, дали го има, или го имал, Ковид-19 и ќе им овозможи да постапи соодветно.

Тестот ќе открие присуство на антитела ИГМ, кои се појавуваат во раните фази на инфекција и ИГГ, што се зголемуваат за време на реакцијата на телото на вирусот.

„Неколку милиони тестови се набавени за употреба. Овие се нови производи. Мора да ни биде јасно дека тие работат како што се тврди дека работат“, рече Паукок .

Клучните работници, вклучително и доктори и медицински сестри, ќе можат да донесат побрзи одлуки за самоизолирање или враќање на работа во првите редови на пандемијата, благодарение на новиот комплет за тестирање, смета таа.