Брисел побара брзо формирање Влада, активна опозиција, спроведување реформи и поддршка за СЈО

Високата претставничка за надворешна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот Јоханес Хан доцна синоќа ги поздравија спроведените предвремени парламентарни избори во Македонија, одржани на 11 декември.

„Предвремените парламентарни избори кои во неделата се одржаа во БЈР Македонија минаа на мирен и уреден начин, со добар одѕив на гласачите. Тие беа следени од мисијата на ОБСЕ / ОДИХР за набљудување на изборите, кој објави своја прелиминарна изјава. Овие вонредни парламентарни избори беа клучен елемент на договорот од Пржино од 2015 година. Тие и нудат на земјата клучна можност за обнова на демократски, конструктивен дијалог за надминување на долготрајната политичка криза и обединување зад заедничка цел на евроатланските интеграции“, порачаа Могерини и Хан во заедничката изјава.

Двајцата исто така побараа политичките партии во Македонија „да дејствуваат на еден инклузивен начин, што вклучува активна парламентарна опозиција и динамично граѓанско општество“.

„Со нетрпение очекуваме брзо формирање на новиот парламент и на новата влада и спроведување реформи за решавање на системското владеење на правото, а исто така и на итните реформски приоритети. Владата и опозицијата треба да продолжат со спроведување на претходните политички договори во целост, вклучувајќи поддршка на работата на канцеларијата на Специјалното обвинителство“, додаваат Могерини и Хан.

На крајот во нивното соопштение за македонските избори, европската лидерска двојка за Балканот порача и дека „Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува земјата во процесот на реформи и на нејзиниот пат кон европската интеграција“.