Бразилскиот устав за првпат преведен на домороден јазик

Бразилскиот устав го доби својот прв официјален превод на домороден јазик, a потегот беше поздравен како  историски момент за Бразил и домородното население, јавува „Guardian“.

Церемонијата за официјалното објавување на преведениот Устав се случила во градот Сао Габриел да Кахоеира, град длабоко во Амазон, а на церемонијата присуствувале бразилските власти и домородните водачи.

„Денес е пресвртница во уставната историја на нашата земја“, изјавила Роза Вебер, врховната судијка во Бразил.

До сега, домородните Бразилци никогаш не можеа да ги прочитаат своите уставни права на свој јазик.

Уставот е преведен на амазонскиот општ јазик Њенгату, единствена постоечка модерна верзија на Тупи јазикот, што се користел за комуникација меѓу различните домородни заедници во Амазон.

Уставот бил преведен од 15 домородни жители од различни региони, а координацијата на преведувачкиот процес ја вршел Бразилскиот национален совет за правда.

„Ние сме во земја со огромна разновидност, но не ги слушам  јазиците што се зборуваат во овие простори. Треба да бидеме вклучени. Пред да бидеме домородни, ние сме луѓе кои имаат право на почит“, изјавила Инори Камари, една од преведувачките.

Повеќе од 305 етнички групи во Бразил зборуваат 274 домородни јазици, но само португалскиот се смета за официјален јазик.