Борче Стаменов од Кавадарци го донираше 100-тиот компјутер

Пред речиси четири години, кавадарчанецот Борче Стаменов започна хумана иницијатива. Тој собира стари компјутери, ги поправа и ги донира на деца од социјални семејства. Неговата иницијатива #ДонирајКомпјутер за која Радио МОФ пишуваше се прочу во повеќе градови низ државата, а денес тој соопшти дека го донираше 100-тиот компјутер. Ветува дека ќе донира уште толку.

„3 години, 10 месеци и некој ден ни требаа да ја постигнеме целта која мислевме дека е недостижна. Излезе дека ништо не е недостижно ако сакаш и имаш силна желба да го направиш. Денес го дадов стотиот дониран компјутер. Она шо почна како „од нас, за нас” излезе баш така. Обични непознати луѓе прават добри дела за други обични и непознати луѓе. Јас одамна веќе по градот да одам со крената глава, но не поради личиот успех. Одам со крената глава затоа што успеав да обединам купишта луѓе со кои не се знам и не ме познаваат, но се сплотивме сите заедно за една заедничка цел. Цел да помогнеме онаму каде е потребно“, напиша тој на својот Фејсбук.

Вели патот до овде не бил лесен и едноставен, но го исполнува.

„Секое благодарам секојдневно ми одекнува во главава пред да си легнам. Секоја слика, секоја порака во „чат“ која ја ми праќавте како доказ за среќата на вашите дечиња, вашите студенти, вашите родители е препрочитана барем стотина пати. И си мислам, види Боре, ова ти го направи! Ова е твое дело! Ти си крив што стотина фамилии можат колку толку да се почувствуваат убаво барем на момент. Барем за момент да помислат ете, не сме сосема заборавени. Ти и сите оние кои се придружија кон твојата идеја, твојата замисла, твојата заложба заедно да направите нешто добро не само за себе, туку и за општеството во кое живееме“, напиша тој. 

Но, овде не е крајот, ветува Стаменов.

„Продолжуваме и понатаму. Ќе се дружиме. Ќе делиме среќа оти среќата е таква. Колку повеќе ја делиш, толку повеќе ти се враќа“, вели тој.