Бојан Стојановски прогласен за најдобар оратор на УКЛО ТРИВИУМ

Бојан Стојановски, од Економскиот факултет – Прилеп го освои првото место на четвртиот натпреварот во ораторство УКЛО ТРИВИУМ, кој оваа година беше на тема: „40 години УКЛО Дигитална (р)еволуција“.

Жири комисијата одлучи второто место да и припадне на Софија Трампевска, од Педагошкиот факултет – Битола, додека третото место го освои Димитар Врглевски, од Правниот факултет – Кичево. Натпреварот се одржа во малата сала од Центарот за култура, а учествуваа 12 студенти од неколку единици Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола.  

За покажаните говорнички вештини и умешност, покрај дипломи УКЛО на најдобрите оратори им доделува и парични награди.

Присутните студенти, професори и гости од името на УКЛО и ректорот Сашо Коруновски, ги поздрави проректорот, Виолета Маневска која по повод пригодата истакна дека со Тривиум, УКЛО воспоставува една суптилна, модерна нишка со младите и дека УКЛО, на 9 мај ќе биде домаќин на државниот настан, Собир на студентите, по повод Денот на европското обединување.

Во пресрет на настанот се одржа работилница за јавно говорење под менторство на професорот Билјана Граматковски од Педагошкиот факултет во Битола.

Инаку, УКЛО ТРИВИУМ трдиционално се одржува во рамки на одбележувањето на Денот на основањето на УКЛО, 25 април, а годинава носи и јубилеен прдзнак, 40 години УКЛО.

Од Универзитетот соопштија и дека утре, 25 април, ќе се одржи манифестација на која ќе се одбележи јубилејот – 40 години УКЛО. На настанот под мотото „Нашите 40 години“, ќе биде организирана свечена Академија, уметнички перформанс, а на крајот и музички дел, со концерт на Влатко Стефановски. УКЛО организира и ретроспективна изложба во фоајето од театарот во Битола со бројни артефакти и вредни фотографии.

Ректорот Коруновски ги најави и другите манифестации и случувања кои УКЛО ги организира по повод јубилејот, меѓу кои Собирот на студентите од државата чиј домаќин е Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола. Државната манифестација ќе се одржи на 9 Мај, по повод Денот на европското обединување.