Советниците на Општина Богданци едногласно решија на 11 јуни да се гласа за отворањето на рудникот Казандол, после неуспешната иницијатива на граѓани на Валандово да се распише општински референдум за спорната инвестиција.
Петмина советници од ВМРО-ДПМНЕ, ист број од СДСМ и еден од ВМРО-НП, едногласно решија да се прифати иницијативата на граѓанското здружение „Спас за Богданци“, кое вчера со почеток 18 часот одржа протест во градскиот парк на кој присуствуваа голем број луѓе. На протестот со богданчани застанаа и валандовчани, кои решија да продолжат да се трудат се додека изградбата на рудникот не биде прекината.
Претходно Советот на Општина Валандово не ја прифати иницијативата на активистите за организирање референдум за рудникот Казандол. Седуммина советници гласаа „за“, а дури осум се изјаснија како воздржани.
Граѓаните на општина Гевгелија минатиот месец на референдум со огромно мнозинство гласови се изјаснија против отворање рудници за злато на планината Кожуф.