Белоруски опозиционер кој сакаше да се кандидира за претседател осуден на 14 години затвор

Белорускиот опозициски лидер Виктор Бабарико, кој имаше намера да учествува на претседателските избори во август 2020 година како противкандидат на Александар Лукашенко, но беше уапсен неколку недели претходно, е осуден на 14 години затвор за корупција, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Виктор Бабарико е осуден на 14 години затвор, а казната ќе ја издржува во казнено-поправна колонија со зголемена безбедност“, соопштија приврзаниците на опозицијата на Твитер.

Бабарико е осуден за примање мито и перење пари, соопшти белоруската невладина организација „Вјасна“, повикувајќи се на пресудата на Врховниот суд. Бидејќи пресудата беше изречена од Врховниот суд, Бабарико беше спречен да се жали.

Инаку, тој е поранешен банкар и се сметаше за најсериозен кандидат против Лукашенко на последните претседателски избори кои се одржаа минатата година.

Опозиционерот исто така беше казнет со речиси 45.000 евра и му беше забрането да биде на раководни функции.

Обвинителството тврди дека Бабарико сторил кривични дела додека бил на чело на „Белгазпромбанк“, белоруска подружница на банка која припаѓа на рускиот гигант „Гаспром“.

Уште седуммина поранешни вработени во таа банка, кои ја признаа вината и сведочеа против Бабарико беа осудени на три до шест години затвор.

Белорусија се соочува со политичка криза од последните претседателски избори, кои според противниците на Лукашенко биле „украдени“.