„Бела Европа“: 60.000 националисти маршираа на Денот на независноста во Полска

Десетици илјади националисти маршираа низ Варшава за да го одбележат Денот на незавиноста на Полска, фрлајќи црвени димни бомби и носејќи транспаренти со „Бела Европа од братски народи“, објави „Гардијан“.

Маршот беше организиран од десничарски групи, како еден од многуте настани по повод повторното раѓање на Полска како нација во 1918 година, засенувајќи ги официјалните државни празници и други патриотски настани.

Полицијата проценува дека учествувале 60.000 лица. Многумина беа млади мажи, некои со покриени лица или со шишиња со пиво во рака, но, исто така, учествуваа семејства и постари Полјаци, информира британскиот медиум.

Низ маршот се извикуваше: „Бог, чест, земја“ и „Слава на нашите херои“, а неколку луѓе, исто така, извикуваа ксенофобични фрази како „Чиста Полска, бела Полска“ и „Бегалци одете си“.

Некои учесници маршираа под мотото „Ние го сакаме Бога”, зборови од една стара полска песна која претседателот на САД, Доналд Трамп, ја цитираше за време на неговата посета на Полска годинава. Учесниците во маршот зборуваа против либералните и за одбрана на христијанските вредности.

Според „Гардијан“, маршот е еден од најголемите од овој вид демонстрации во Европа. Го привлече  вниманието на екстремно десничарските лидери од други места во Европа, вклучувајќи го Томи Робинсон од Велика Британија и Роберто Фјоре од неофашистичката „Форца Нова“ од Италија. Исто така, привлече голем број поддржувачи на владејачката конзервативна партија „Закон и правда“.

Државната телевизија ТВП, која ја одразува линијата на конзервативната влада, го нарече „голем марш на патриоти“.

„Тоа беше прекрасна глетка“, рече министерот за внатрешни работи Мариуш Блашчак. „Горди сме што толку многу Полјаци одлучија да учествуваат на прославата на поврзана со Денот на независноста“.

„Гардијан“ информира дека, исто така, се одржал и помал контрапротест од антифашистичко движење. Организаторите ги одржаа двете групи одвоени, за да спречат насилство. Сепак, имало еден инцидент во кој националистите туркале и удриле неколку жени кои извикувале слогани против фашизмот и имало транспарент „Стоп за фашизмот“.