„Проблемот со снабдување со топлинска енергија во Градот Скопје и општините е решен“, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Тој увери дека домаќинствата ќе имаат непрекината испорака на парно греење откако Владата на денешната седница донесе Уредба за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба на пазарот на топлинска енергија.
Покрај ова, информираше дека Владата ќе обезбеди финансиски средства со кои ќе се субвенционира сметките на граѓаните за топлинска енергија на граѓаните.
„Мерките кои се составен дел од Уредбата овозможуваат Владата преку ЕСМ да го стабилизира пазарот на топлинска енергија. АД ЕСМ денес потпиша Договор за набавка на електрична енергија со ТЕ-ТО до 31.01.2022 година. За реализација на овој договор ТЕ-ТО ке произведе дополнителни количини на топлинска енергија покрај електричната со што ќе се овозможи континуирано квалитетно и економски исплатливо снабдувањето во овој период. ТЕ-ТО има сигурен извор на гас и може да работи без пречки, во периодов има активни договори за продажба на електрична енергија и ќе работи дополнително за време на викенд, а произведената електрична енегија ќе ја купува АД ЕСМ. Дополнително ТЕ-ТОнаместо до 21.00 ќе работи до 01.00 после полноќ и со оваа ќе се произведе потребната топлинска енергија, соопшти Бектеши.
Тој дополни дека до крај на грејната сезона се планира целокупната произведена електрична енергија од ТЕ-ТО да ја преземе АД ЕСМ со што ке има доволно топлинска енергија за БЕГ.
„Со оглед на тоа што Во моментов, како што информираа од БЕГ дека не се во можност да работи самостојна и компанијата побара од Владата принудна управа, донесена е одлука за склучување на договор за деловно техничка соработка помеѓу БЕГ и ЕСМ по задолжение од Влада. Согласо ова задолжение, Владата во најкус рок ќе донесе одлука и ќе го задолжи ЕСМ да склучи договор за деловно техничка соработка со БЕГ“, додаде Бектеши.
Исто така, за работењето на АД Скопје Север ќе се склучи договор за деловно техничка соработка по истиот принцип. Со договорите за деловно техничка соработка сите права и обврски кои ги имале субјектите ке мируваат, а правата и обврските кои ке настанат во периодот на важење на договорот ке бидат на ЕСМ, информираат од министерството.
Оттаму појаснуваат дека АД ЕСМ ќе го менаџира целокупното финансиско работење преку посебна сметка и за истото ке доставува извештаи до Владата. АД ЕСМ веќе поседува лиценци за топлинска енергија и истите ке биде проширени, велат од министерството.
Од Владата, пак, појаснуваат дека според новата Уредба, постојаното следење, анализирање и проценување на состојбата на пазарот на топлинска енергија во државата ќе го врши Комисија за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија која ќе ја формира министерот за економија.
„Комисијата е предвидено да биде составена од осум члена и тоа по еден претставник од редот на високи раководни функции во Министерството за економија, од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, еден претставник од Заедницата на единиците на локалната самоуправа и пет претставници од носителите на лиценци на пазарот на топлинска енергија“, велат од Владата, дополнувајќи дека мандатот на членовите на Комисијата изнесува четири години.
Владината Уредба доаѓа откако најголемиот снабдувач со парно греење во Скопје – БЕГ најави дека од викендов ќе го исклучат парното за 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град поради немање пари за набавка на гас.
Нивниот предлог беше додека трае енергетската криза и додека немаат средства за набавка на гас, управувањето на компанијата да го преземе Владата, па откако ќе помине грејната сезона, повторно фирмата да им се врати на употреба.