ББЦ: Лажни оценки од 5 ѕвезди се купуваат и продаваат на интернет

Популарноста на интернет-страниците за оценување на интернет сè повеќе зависат и од компаниите и од потрошувачите, со процени дека, само во Велика Британија, интернет оценките потенцијално влијаат на вкупно 23 милијарди фунти кои ги трошат потрошувачите.

Екипа од истражувачки новинари на ББЦ купила лажни онлајн оцени од пет ѕвездички кои биле поставени на една од водечките интернет-страници за оценување – „Трустпилот“ (Trustpilot).

Новинарите откриле и онлајн форуми каде на купувачите на Амазон им се нуди целосно враќање на парите во замена за добра оценка на производот.

И двете компании изјавиле дека не толерираат лажни оценувања.

Мариа Менелу, сопственик на продавница за храна за носење, која е најдобро оценета таква продавница во градот Блекпул, вели дека системот на интернет-оценувања го заменило традиционалното рекламирање.

„Ни носи многу муштерии… Навистина прави голема разлика. Ние немаме никаков маркетинг“, вели Менело.

Некои американски аналитичари проценуваат дека скоро половина од оценувањата на одредени продукти кои се оставаат на интернационалните веб-сајтови, како Амазон, потенцијално се сомнителни.

„Продавачите се обидуваат да го изиграат системот бидејќи во прашање се големи пари. Доколку се најдете на првото место, на пример, во продажба на телефонски слушалки и ги продавате евтино, можете да заработите многу пари“, вели Томи Нунан, основач на РивјуМета (ReviewMeta), американска интернет-страница која ги анализира онлајн оценувањата.

Во 2016 година, Амазон воведоа низа на мерки кои забрануваат таканаречени „поттикнати оценувања“, каде компаниите на потрошувачите им нудат бесплатни производи во замена за позитивни оценки.

Нанан вели дека тоа всушност го прикрило проблемот, водејќи кон Фејсбук групи каде потенцијалните купувачи на Амазон се охрабрувани да купат производ или да дадат своја оценка во замена за целосно враќање на парите.

Новинарите на ББЦ пронашле неколку такви групи и по само неколку минути од приклучување во нив, добиле понуди за целосно враќање на парите на производи кои би ги купиле на Амазон, во замена за позитивни оценки.

„5 ѕвезди е подобро за нас. Го цениме нашиот бренд, ќе ви ги вратиме парите како што ветивме. Целата моја компанија работи на тој начин“, напишала една личност во порака до новинарите.

Амазон во нивниот одговор посочиле дека не дозволуваат оценувања во замена за било каква компензација и дека таквото однесување може да биде причина за укинување на таквите корисници он нивната платформа.

Одговарајќи на реклами кои се појавувале на сајтот И-Беј, ББЦ успеале да купат лажна оцена од 5 ѕвезди на веб-страницата „Трустпилот“, која се прикажува како „посветена да биде најдоверливата заедница за онлајн-оценки на пазарот“.

„Ден Бокс е еден од најпочитуваните професионалци со кои сум соработувал. Беше задоволство да се работи со него“, пишува во оценката – од збор до збор како што побарал новинарот под тоа име.

Од „Трустпилот“ велат дека не одобруваат злоупотреби на нивниот сервис, додавајќи дека преку специјален софтвер ги проверуваат оценувањата и ги отстрануваат лажните позитивни коментари.