Балон со лик на Трамп ќе лебди над Лондон за време на неговата посета

Џиновски балон со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп како налутено бебе ќе лебди над Лондон за време на неговата официјална посета на Британија, закажана за утре.

Управата на лондонскиот регион денеска го одобри барањето да се дозволи поставување на портокалов балон, висок шест метри, во близина на зградата на Британскиот парламент, по петицијата под наслов „Дозволете му на бебето Трамп да лета”, која собра повеќе од 10 000 потписи.

Лео Мари, лидер на групата која стои зад идејата за балонот и петицијата, рече дека градот „повторно ја открил својата смисла за хумор”.

Покрај балонот, ќе се одржи и протестна прошетка во центарот на Лондон. Идеја на активистите е „бебето Трамп да го однесат на пат околу светот“.