Бакнува, љуби, цунуе – „Јазичарница“ ја прикажа разновидноста на македонските дијалекти преку три поими

Блогот за лингвистика на македонски јазик „Јазичарница“ на сликовит начин прикажа како, благодарение на дијалектите, во различни делови на Македонија се користат различни зборови за одредени поими. За пример ги избраа зборовите чинија, девојче и бакнува, по што направија и кратка анкета што ја пополниле 680 луѓе од сите краишта на земјава.

„Целта на нашето кратко истражување беше прегледно да ја прикажеме разновидноста на македонските дијалекти кои активно се зборуваат денес. Поимите што ги избравме беа чинија, девојче и бакнува, бидејќи се чести и секојдневни зборови за кои веќе сме чуле многу интересни локални варијанти. Нѐ интересираше кои зборови и форми се употребуваат во кој дел од Македонија, а податоците што ги собравме ќе ги искористиме понатаму за да одговориме и на некои други прашања. Секако, дијалектите не се разликуваат меѓу себе само по зборовите што се користат, но тоа е аспектот што најчесто прв се забележува кога стапуваме во контакт со луѓе што зборуваат поинаков дијалект од нашиот.

Во продолжение ви ги претставуваме нивните резултати илустрирани преку три карти што јасно ја прикажуваат распространетоста на локалните варијанти во 25 места.