АВМУ: Во деновите на жалост радиодифузерите да ја прилагодат програмата

Поради трагична сообраќајна несреќа на патот Скопје – Тетово, 14 и 15 февруари (денес и утре) се прогласени за Денови на жалост, па Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги повикува радиодифузерите да ја прилагодат програмата, така што музиката ќе биде од жанрови соодветни за денови на жалост.

„Воедно, емитувањето на забавните шоу програми, хумористичните емисии или играната програма од жанрот комедија да се одложи за други денови од седмицата. Доколку тоа го дозволуваат веќе склучените договори, препорачливо е овие два дена да не се емитува рекламирање“, соопштува АВМУ.

Јавниот радиодифузен сервис и радиостаниците кои доброволно пријавиле дека ќе емитуваат одреден процент домашна музика од македонски автори и автори на етничките заедници, на 14 и 15 февруари се ослободуваат од оваа обврска.