Астронаутот Скот Кели се врати на Земјата после 340 дена во вселената

Астронаутот на НАСА Скот Кели се врати на планетата Земја после рекордни 340 последователни дена во вселената, најмногу во историјата на агенцијата.

Вселенскиот истражувач се приземји во Казахстан на 1 март, откако помина речиси цела година во Интернационалната вселенска станица, во обид да дознае како човечкото тело реагира на долги периоди поминати во бестежински простор.

Кели се врати на Земјата заедно со неговиот долгогодишен соработник и член на екипажот, рускиот космонаут Михаил Корниенко, и космонаутот Сергеј Волков, со нивното вселенско летало Сојуз.

Кели има поминато вкупно 520 дена во вселената, повеќе од било кој друг американски астронаут, пренесува Mashable.

„Напуштањето на овој неверојатен објект ќе биде тешко, бидејќи веројатно нема да го видам пак“, вели Кели. „Летав во вселената веќе четири пати, па ќе биде тешко да не се вратам. Овде поминав многу долго време и понекогаш, кога размислувам за тоа, се чини дека сум го поминал целиот живот овде“.

Сега кога Корниенко и Кели се назад на Земјата, ќе започнат со научни истражувања. Двајцата членови на екипажот на станицата ќе треба да поминат низ разни медицински тестирања пред да го напуштат Казахстан.

„Ќе поминеме низ различни видови на експерименти. Некои се физички, а целта е да се испита нашата физиолошка можност да се прилагодиме на различни позиции“, вели Кели.

Ваквите податоци се многу важни за научниците на Земјата.

Поентата на мисијата на Корниенко и Кели беше да се обезбедат информации за тоа како човечкото тело се однесува после цела година во вселената. Тоа е значајно бидејќи НАСА сака да испрати луѓе на Марс, каде би требало да живеат цела година.