Со акција за донирање здрава вода „Арсена“ предупредува на штетноста од арсенот

Активисти на граѓанската иницијатива „Арсена“ во рамките на акцијата „Здрава вода за здрав живот“ поделија 250 литри пакувана вода на семејства со ниски лични примања, самохрани мајки и социјални случаи. Целта на акцијата е да се информираат граѓаните за штетноста на водата од гевгелискиот водовод која веќе две години е забранета за консумирање од страна на луѓето, посочуваат од „Арсена“.

IMG_4141

Пакуваната вода се делеше на семејства кои живеат во подстандардни услови, со примања од 2.000 денари социјална помош каде поголемиот дел од лицата се жалат дека немаат средства за леб, а не пак да купуваат здрава вода.

– Никој од општината не нема известено дека водата не е во ред. Немаме добиено никаква помош од општината, ниту за трошоците за вода, ниту еднократна парична помош кога побарав за лекови, оти сум срцев болесник, а живееме три члено семејство со 2.000 денари месечни примања, вели средновечна граѓанка која поради болеста не е способна да работи и остварува средства за живот.

Водата од гевгелискиот водовод е забранета за консумирање со решение на Државната Агенција за храна и вода издадено на 23 септември 2012 година. Истото е се уште не е повлечено, појаснуваат од „Арсена“ , што значи дека е во сила поради континуирано присуство на отровниот елемент арсен во количини поголеми од дозволените според стандардите на СЗО.

-И покрај две годишната забрана за користење на гевгелиската вода, најавата за копање нови бунари и извори на вода, решение се’ уште нема, а отровниот арсен уште се испорачува низ чешмите во секое гевгелиско домаќинство. Некои семејства започнаа да се снабдуваат со пакувана вода за пиење, онолку колку што им дозволуваат семејните примања. Но, што со социјалните случаи, лицата со ниски примања, самохраните мајки, невработените млади брачни парови и родители? Нивното здравје е најзагрозено, а досега никој не им помогнал, нагласуваат од „Арсена“ и додаваат дека гевгеличани заслужуваат здрава вода која треба да ја обезбедат надлежните локални институции.

Акцијата за донирање здрава вода се изведува во рамките на проектот „Граѓаните и Арсена до здрава вода за пиење во Гевгелија“ што го спроведува граѓанската иницијатива „Арсена“ во соработка со Здружението на граѓани „Патокази“, а со поддршка на ФООМ.