Арда Мустафаоглу го презентираше новиот „Стенвеј“ дониран на Филхармонија

Младиот пијанист Арда Мустафаоглу, со изведба на Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски, го презентираше концертното пијано од престижната марка „Стенвеј“ кое денеска беше донирано на Македонската филхармонија.

Пијаното, кое чини речиси 160.000 евра, е донација од градежната компанија „Штрабаг“, која е изведувач на новиот објект на Македонската филхармонија.

Од Филхармонија посочуваат дека ова е историски чин за музичката култура во нашата земја, бидејќи разликата во квалитетот на звукот на овој инструмент во споредба со останатите е немерлива и дека е значајно што институцијата ќе поседува ваков инструмент на кој ќе можат да музицираат светските и македонските пијанистички ѕвезди.

„Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани кои заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто“, изјави директорот на Македонска филхармонија, Виктор Илиески.

Македонската филхармонија, досега поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го добила во 1992 година како донација од страна на тогашното ПТТ Македонија.

„Чест ми е што со ваков чин, донација на концертно пијано, ја завршуваме нашата приказна, нашиот успешен проект – Македонска филхармонија. Со оваа донација сакаме да придонесеме за успешен концертен живот на оваа институција и веруваме дека ќе успееме да бидеме пример и за тоа како треба да работат останатите компании“, рече Горанчо Аговски од „Штрабаг“.

„Во изминатите месеци интензивно контактиравме, барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата „Штрабаг“, на обострано задоволство, договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните.“, истакна Министерот за култура Роберт Алаѓозовски.

Концертното пијано официјалната промоција ќе ја има на 10 мај, со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин.

Радио МОФ, минатата година пишуваше за проблемите со кои се соочуваат младите уметници во Македонија, а еден од примерите беше и пијанистот Арда Мустафаоглу, кој освојува меѓународни награди вежбајќи на старо пијанино во својот дом, додека квалитетните клавири во државата не се достапни.