Анима Мунди: Зоо Скопје сее смрт, повторно сомнителна смртта на животно

Здружението за заштита на животните Анима Мунди реагира на веста за смртта на морски лав во Зоолошката градина во Скопје, велејќи дека поради лошата нега и несоодветните услови сите животни таму се загрозени.

„Страдање, заробеништво, смрт, тоа е судбината на животните во ZOO Skopje!

Имаме информација дека сега во мистериозни околности им починал едниот од двата морски лава. Смртта на животното повторно е изненадување за одговорните и вработените, повторно никој ништо не приметил претходно, повторно никој не чувствува одговорност или вина!“, пишуваат од организацијата.

Воедно, апелираат на бојкот на Зоолошката градина.

„Ги повикуваме сите луѓе кои ги сакаат животните да го бојкотираат тоа дувло, да ги бојкотираат   зоолошките секогаш и секаде! Немојте да бидете соучесници, немојте со свои пари да го финансирате ропството на оние кои не ни згрешиле ништо, кои се осудени да умрат далеку од своите природни живеалишта, осудени никогаш да не почувствуваат слобода!“, повикуваат.

Информацијата за смртта на морскиот лав утринава пристигна од управата на Зоо Скопје. Причината за смртта не е позната, а се чекаат резултати од обдукција на животното.