Амбасадорите на Италија и Бугарија им пренесоа еврооптимизам на радовишките средношколци

Eвро-караванот стигна во Радовиш. Средношколци добија доза еврооптимизам, дознаа нешто повеќе за историјата и сегашноста на Европска Унија, додека градот беше домаќин на „Училишен научен саем“.

Настанот ја спои македонско-европската приказна, и културолошки и политички. На штандови во дворот на СОУ „Коста Русинов“ беа презентирани електронски алатки, хемиски епрувети, макети правени од ученици, традиционална македонска архитектура и храна, сувенири, цветни растенија, а присутните добија можност да видат и за институциите на ЕУ.

Во училницата по музичко воспитување, пристигнаа љубопитни средношколци. Седнати, поставуваа прашања, а амбасадорите на Италија и Бугарија беа тука да одговорат – за Унијата, бенефитите за членство, можноста за студирање во странство… Кренаа раменици на прашањето за регулативите за авторските права. Затоа, пак, зборуваа за вредностите на ЕУ. И каде е земјава во целиот процес.

„Во вашата земја има промени. Не е само последниот позитивен извештај од Брисел, туку и атмосферата, демократијата, медиумите… Следниот чекор е како да се направи животот подобар. Задача е на Владата да се фокусира на економија, севкупниот живот да граѓаните да го направи подобар. Ова ќе го убрза евроинтеграцискиот процес“, рече пред учениците амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов.

Амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов, модераторот на дискусијата, Вангел Ѓорѓиев и Амбасадорот на Италија, Карло Ромео

Според него, идејата на ЕУ е да се донесе мир. Ги спомена Декларацијата Шуман и Римските договори, кога, вели тој, се создаде мрежа од мрежи.

„Економски мрежи, комуникациски мрежи, мрежи за владеење на правото… За Северна Македонија е многу важен ‘acquis communautaire’, да го имплементира овој правен принцип, да ја адаптира со домашната легислатива. Ако имате владеење на правото, економски раст и мир, тогаш земјата просперира. Ова значи – просперитет за сите жители, нови можности“, нагласи Ангелов.

Комуникацијата и поврзувањето ги акцентираше како посебно важни аспекти, со оглед што на Балканот има недостиг на инфраструктура, поврзување меѓу училиштата, универзитетите, енергетските системи….

„Убав пример има Бугарија. Ултрамаратонецот Красимир Георгиев трча специјално во име на соработката, на поврзувањето. За да се поттикне коридорот 8 – тој минува низ Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија. Ова е многу важно, меѓусебното поврзување!“, рече Ангелов.

Амбасадорот редеше бенефити што ако Македонија влезе во ЕУ, но ученик од „Коста Сусинов“ праша што се пак бенефитите за ЕУ од земјава?

„Знаеме една работа – вие сте на поволна географска положба за ЕУ. Сакаме да го модернизирате вашето општество да биде вистинска членка на ЕУ. Затоа е потребна модерницација на општеството во сите сфери – образование, економија, култура, екологија, безбедност итн. Но, вие не сте остров. Вие сте остров во морето на ЕУ, затоа што на запад, исток, север и југ – ова е европско море“, рече Ангелов.

Амбасадорот на Италија, Карло Ромео се надоврза нагласувајќи дека „Северна Македонија заедно со Западен Балкан може да носи стабилност во регионот“. За жал, вели тој, турбулентното локално минато влијаеше не само врз регионот, туку и за цела Европа.

„Низ живееме на ист континент. Значи, бенефитите се стабилност, почит на владеење на правото, но и соработка на мигрантските прашања. Сигурно се сеќавате на кризата на 2015 и 2016 година. Илјадници мигранти минуваа низ Северна Македонија, со цел да бараат подобар живот во ЕУ. Затоа се потребни држави како Северна Македонија и Албанија за да ги заштитиме нашите граници. Исто така, културолошки гледано, сметаме на македонската култура како дел од европската култура“, потенцираше Ромео.

Една од ученичките ги спомена двете различни гледишта за развојот на ЕУ – „подлабокото“ и „поширокото“. Едното, рече таа, сака да ги зголеми европските интеграции преку права, такси и зголемена сигурност на териториите во ЕУ, а другото сака да го прошири блокот. Затоа, праша дали постои конфликти помеѓу ваквите ставови и кое е најдобрата визија за ЕУ?

На ова, реакцијата на амбасадор Ромео беше: „УаУ?! Ова е многу тешко прашање!“.

„Не се шегувам. Прашањето обично се поставува на повисоко, академско ниво. Честито! Ова е голема дебата уште одамна, за т.н. функционален и интеграциски пристап. Функционалниот пристап значи да ставаме некаква функција, различни сегменти на нашата економија, нашите животи. Вака стартуваше ЕУ, со договор за јаглен и челик меѓу Германија и Франција, за да се реши еден аспект од економијата. Потоа, кон друг аспект, па кон трет аспект… Обично луѓе што ја фаворизираат моќта да поединечните држави, го фаворизираат функционалниот пристап. Чекор по чекор, поединечните сектори да се спојат заедно. Другиот пристап е интеграцискиот, кој повеќе цели кон наднационални авторитети, наднационални (супранационални н.з.) институции во ЕУ. Дебатите за овие пристапи продожуваат и во иднина“, нагласи Ромео.

Во однос на образованието, италијанскиот амбасадор ја истакна можноста за едукација во друга земја. Во ЕУ, потенцира Ромео, нормално е да учиш друг странски јазик, нормално е да ги сакаш како свои, а не другите земји-членки да ти бидат непријатели, што се случувало во минатото во Европа.

„Исто така, се смета дека е нормално да патувате низ Европа, да учите во странство. Пример, благодарејќи на програмата Еразмус, која е извонредно искуство и можност за студирање во други земји, на различен универзитет. Лично бев дел од Еразмус програмата во 1992 година, на почетоците. Тоа може да ви го смени умот, да ви го отвори умот“, констатираше Ромео.

Инаку, вакви дискусии се предвидени со средношколци од повеќе македонски градови, на кои младите ќе ги споделуваат своите ставови и прашања и ќе добијат повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ.

Дискусијата со средношколците беше организирана во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Бојан Шашевски