Албанскиот режисер Елтон Баџаку е првиот говорник на ENGAGE 2018

На 12-ти мај во Музејот на современа уметност во Скопје ќе се одржи седмото издание на ENGAGE конференцијата на друштвен активизам. На овогодинешната конференција организирана од Радио МОФ и Младинскиот образовен форум, ќе учествуваат осуммина говорници, а ќе има и два перформанси.

Првиот потврден говорник за овогодинешното издание на ENGAGE e Елтон Баџаку, независен режисер од Тирана, кој ќе зборува за тоа како филмската уметност ја менува состојбата на ЛГБТК заедницата во Албанија.

Елтон Баџаку

Баџаку има продуцирано и режирано бројни документарни филмови, меѓу кои и „Скандал“ и „Селита“. Делата на Елтон се секогаш посветени на теми како правдата, социјалните проблеми и нееднаквоста во албанското општество. Неговите премиери се одржувани на реномирани фестивали, како Саравскиот филмски фестивал и Докуфест.

Баџаку е дипломец на политички науки на Европскиот универзитет во Тирана. Неговата единствена цел била да ги комбинира годините потрошени на учење на политички теории со филмската уметност.

Студирал и на Академијата за филм и мултимедија Маруби, каде дипломирал режија во 2012 година.

Неговиот филм „Скандал“ ја раскажува неверојатната приказна за тоа како може да започне социјално и политичко движење во Албанија и да прерасне во срцето на општеството. Искуството на неколкумина храбри луѓе кои го започнае ЛГБТ движењето и оние кои ги посветиле своите животи на ова движењ. Филмот е посвета на ЛГБТ лицата кои биле кривично гонети и уништени, кои немале живот во комунизмот, и е отворен повик за сите кои се сè уште исплашени.

Регистрацијата за овогодинешната ENGAGE конференција за друштвен активизам ќе биде отворена на 2-ри мај. Наскоро ќе бидат објавени детали за останатите говорници.

ENGAGE – Конференција за друштвен активизам е организирана со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.