Активисти и архитекти: Трговскиот центар и зградите со 1.000 станови ја уништуваат Старата железничка станица

Здружените активисти, архитекти и урбанисти од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ повторно реагираат на градежните активности кај Старата железничка станица, за која велат дека заедно со Камениот мост, Калето и Чаршијата се симболите на Скопје.

„Часовникот кој го означува моментот кога нашиот град беше уништен во 1963, пораката на Тито, и зградата оставена да потсетува на жртвите и солидарноста со кои се изгради овој град… Во позадината е Водно кое се гледа во далечината кога се наоѓаме околу Старата железничка станица особено кога се движиме од градскиот плоштад кон неа. Со изградбата на трговски центар и 1.000 станови во непосредна близина се уништува овој симбол на градот, неговата силуета и историја“, реагира иницијативата.

Од таму упатуваат прашување до градоначалниците на Скопје и Центар, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ дали е можно градење на облакодери во историските јадра на градовите кон кои се стремиме и тоа во непосредна близина на еден од најважните симболи на еден град?

Архивска фотографија од Старата железничка станица

Активистите кои дејстуваат на повеќе проблематики во Дебар Маало и општина Центар, веќе на неколку пати јавно потенцираа дека се „против“ ваквото градење Железничката. Сметаат дека мораториумот на општина Центар е прекршен, откако во јуни градот издаде одобрение за градба на турската компанија „Лимак“, чиј проект вклучува 1.000 станови во 20-катни згради со по 1, 2 или 3 спални соби, канцеларии, трговски центар, хотел, простор за слободни културни активности каде ќе биде сместен Музејот, места за јадење и пиење, фитнес центар, казино и паркинг со капацитет за околу 2.000 автомобили.

Архивска фотографија од Старата железничка станица

„Ова е проект којшто ќе го наруши квалитетот на урбаниот живот во нашата општина. Ќе го блокира и онака намаленото струење на воздухот во општината. Ќе донесе уште поголем сообраќаен метеж и загадување во наредните неколку години од џиновското градилиште што се создаде во нашиот Центар. Без никакви научни студии за ефектот на овој проект врз квалитето на живеење во нашиот град и општина, општинските и градски власти повторно создаваат урбанистички хаос и загадување“, реагираа од активистите од „Во одбрана на Дебар Маало“.

Инаку, проектот на „Лимак“ тежи 250 милиони евра и зафаќа површина од 325.000 метри квадратни. Паралелно со „Дајмонд Скопје“ се гради и подземната сообраќајница, која според најавите на надлежните треба да го скрати времето за патување од Карпош и Центар кон Аеродром и Кисела вода. Сообраќајницата треба да биде готова за 22 месеца, а целиот комплекс за 40 месеци.

Презентација на проектот на „Лимак“ пред централната и локалната власт

„Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот. Булеварот ќе има по две коловозни ленти од двете страни, посебна лента за движење на автобуси и ќе биде со должина од 800 метри“, рече потпретседателот во „Лимак инвестиции“ Сердар Баџаксиз на презентацијата на проектот.

Договорот за изградба на сообраќајницата со турскиот инвеститор беше потпишан на 12 март 2012 од ексградоначалникот Коце Трајановски. Најпрво беше најавено дека ќе се почне со градба за една година, но Јужен булевар се затвори и изградбата почна шест години подоцна, на крајот од септември 2018.

Б.Ш.