Акција за засолништа-контејнери и реновирање на планинарски домови  

Долгогодишниот активист Игор Смилев преку Фејсбук објави за нова сеопфатна волонтерска акција. Првичната идеја е на Тони Милошевски од Куманово, а се работи за акција за поставување бивак контејнери (засолништа) низ македонските планини, преку продажба на значки кои ќе бидат поделени на планинарските клубови, поединци, фирми, компании и општествено одговорни субјекти.

„Цената на една значка е 2 евра и сите пари ќе одат во купување на контејнери и во реновирање на опожарените и напуштени планинарски домови. Направивме првично над 1.000 значки и со гордост ви ги презентирам. Скоро сите планинарски клубови ја прифатија идејата и ни дадоа легитимитет. Денес почнавме. Четири клубови го подигнаа првиот контингент значки. Почнуваме. Сите заедно за планинарска историја и за прв пример на Балканот“, објави вчера Игор Смилев.

Следната недела, вели тој, продолжуваат со други пет планинарски клубови и заинтересирани институции и организации.

„Добредојдени сте сите кои сакате да помогнете!“, соопшти Смилев.