Академската титула сѐ уште табу тема меѓу жените Ромки

Девојките и жените од ромската етничка заедница од државата добија поволни услови за образование и учество на пазарот на труд. Но бројките засега го покажуваат спротивното. Порасна бројот на Ромките со средно образование, но факултетот сѐ уште се чини е „табу тема“ во ромската заедница. Сепак, состојбата не е толку црна како пред неколку децении, кога во однос на образованието Ромките беа синоним за неписменост, објави МКД.мк.

На што се должи малиот број дипломирани Ромки во последните неколку години, кога државата доделува и над 100 студентски стипендии во една академска година со цел преку образованието Ромите целосно да се интегрираат во општеството.

24-годишната Сибел Бајрам од Скопје е една од ретките млади Ромки во македoнското општество со високо образование. Добитничка е на Националната награда за волонтерство на Република Македонија за 2015 година за своите волонтерски ангажмани, кои се од голема помош за ромската заедница.

Но, таа не запре тука. Во моментов, и покрај тоа што работи како наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во скопската општина Шуто Оризари, своето образование го надоградува со магистерски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на одделот Менаџмент за човечки ресурси.

Бајрам е позитивен пример за младите Ромки, меѓу кои и за нејзината помала сестра Семра, која исто така студира. За овие образовни достигнувања, спротивни на длабоко закоравената традиција во ромскoто семејство и широко распространетиот стереотип во кој улогата на Ромката се рефлектира единствено во домаќинството, младата Сибел голема поддршка добива од семејството и од својата ромска заедница.

Сибел е една од ретките! Не секоја девојка од ромската етничка заедница ја има оваа поволна стартна позиција и поддршка во континуитет.

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на учебната 2016/2017 во основните училишта низ целата земја имало 9.328 ученици Роми, од кои речиси половина или вкупно 4.548 девојчиња. Поразителен е фактот што кога станува збор за продолжение на образованието. Ромите се соочуваат со автостигмата дека не им е потребно ништо повеќе од „осум или девет одделенија“.

Повеќе на МКД.мк.