Аеродром и „Нула отпад“ почнаа да собираат е-отпад од домовите на аеродромци

Општина Аеродром и  „Нула отпад“ од почнуваат да собираат електричен и електронски отпад од домаќинствата во скопската општина.

Жителите на Општина Аеродром имаат можност да го користат бесплатниот сервис за собирање е-отпад директно од домовите.

„Сѐ што треба да направат е да пријават на телефонската еколинија 070/236-000 дека поседуваат електронски или електричен отпад, како што се стари телевизори, машини за перење, бојлери или мали уреди за домаќинство“, соопштува Аеродром.

Од таму потенцираат дека електронскиот отпад е еден од најопасните загадувачи, а ваквите акции имаат големо значење како дел од мерките за заштита на животната средина.

„Според досегашното искуство, кај граѓаните постои голем интерес за ваков тип акции, со кои на лесен и едноставен начин се ослободуваат од големи габаритни неисправни уреди, за што инаку би требало самите да организираат соодветно и правилно депонирање“, велат од Општината.

Од Нула отпад“, пак, потенцираа дека не само што им се овозможува на граѓаните да се ослободат од овој опасен и многу често канцероген отпад, туку на ваков начин и ќе ја избегнат казната од 60 евра предвидена за фрлање отпадна опрема од домаќинствата заедно со комуналниот отпад.