Адеми: Деновиве ќе одлучиме дали државната матура ќе се укине годинава или ќе се полага во јуни

Министерот за образование и наука Арбер Адеми посочи дека Владата сè уште нема донесено одлука дали и како ќе се реализира државната матура за оваа година, додавајќи дека се разгледуваат две можни опции за кои ќе се одлучува следниве денови.

„Во следните неколку денови преостанува да донесеме и конечна одлука околу полагањето на државната матура. За што постојат две опции – полагање во јуни, или укинување на оваа обврска за овогодинешната генерација ученици од завршната година во средните училишта. Она што е подготвено и ќе се разгледува на некоја од следните седници на Влада е конкретен образовен план, со конкретни сет мерки кои ќе треба да се преземат во следниот период“, рече Адеми.

„Не е коректно да одделам дел од тоа што ние сме го подготвиле пред да биде разгледано на седница на Влада. Но, една од опциите е целосно укинување на државната матура за оваа генерација средношколци кои завршуваат со средното образование. Кога би дошле до такво решение, кое треба да се преточи во конкретна уредба со законска сила, тогаш би требало да се организираат квалификациони испити во оние студиски програми и единици каде има конкуренција. Каде повеќе матуранти имаат ист број бодови. Само во такви ситуации би имало квалификациски испит. Нашите високообразовни установи веќе имаат искуство со ваква традиција, а на дел од нив и без вонредна состојба, веќе се спроведуваат вакви испити и не би имало проблем за реализација“, додаде Адеми.

Средношколците подолг период се во исчекување на одговор на ова прашање. Токму државната матура беше тема на последната епизода #НаЧас на Радио МОФ во која нашите соговорници дискутираа околу можните решенија за државната матура, како и за психолошките притисоци кои ги трпат младите поради неизвесноста во исчекување на одлука.

[Видео] На час: Матура во време на Ковид 19

Последниов месец на онлајн петиција беа собрани и скоро 8 илјади потписи со кои се бара откажување на државната матура за 2020 година поради кризата со коронавирусот, со барање оценките од матурскиот испит да бидат заклучени од успехот од изминатите четири години.

Петиција за откажување на државната матура поради коронавирусот

Министерот Адеми на денешната онлајн пресконференција извести и дека на следните владини седници ќе се разгледа и можноста за пролонгирање на уписите на првачињата во основно образование наместо во мај да започнат од јуни, поради тоа што според новиот Закон за основно образование родителите е потребно да достават и уверенија за примени вакцини, како и за извршен офталмолошки и стоматолошки прегледи кои треба да бидат издадени од надлежна здравствена установа.

Д.Е.