Петиција за откажување на државната матура поради коронавирусот

Преку петиција се бара од Министерството за образование и наука да ја откаже државната матура за оваа учебна година поради вонредната ситуација која настана пред две недели поради Ковид-19 коронавирусот.

„Ситуацијата кај нас моментално прогресира и не запира. Никој не може да претпостави уште колку ќе трае моменталниот хаос. Немаме онлајн часови со кои би можеле да се поткрепиме и да ги надокнадиме изгубените часови, но и тие го немаат истиот ефект како регуларните часови во поглед за подготвување за матура“, стои во петицијата.

Неа досега ја потпишале повеќе од 3600 граѓани, а започна да се шири на социјалните мрежи вчера.

„Секој ученик има право да се запише на студии со оглед на амбициите коишто ги поседува истиот, без одолговлекување на факултетските уписи. Со оглед на вонредната состојба која доминира на светско ниво, се надеваме на позитивен одговор од надлежните. Ние матурантите бараме оценките од матурскиот испит да бидат заклучени од успехот од изминатите четири години“, се додава во петицијата.

Радио МОФ претходно контактираше матуранти кои велат дека се загрижени бидејќи не знаат што ќе се случува со матурските испити. Професорите, од друга страна, се скептични дека државата има доволно ресурси, знаење и стручна подготвеност за одржување вистинска онлајн настава. Од МОН, пак, велат дека ја следат ситуацијата.

„Датумите за полагање на матурата се предвидени со календарот за организирање за учебната 2019/2020 година. Веќе имаме конкретен предлог од Државниот испитен центар, кој е доставен кај мене и ќе одлучуваме според состојбата. Нема потреба од паника, од вознемирување, дај боже час поскоро да завршиме со овој предизвик и оваа состојба. Ќе има полагање на државна матура, уписен рок и уписна сесија, уписи во високо-образовните установи“, изјави министерот за образование Арбер Адеми на прес-конференција.

Во меѓувреме, школите во земјава остануваат затворени.

Матурантите најзагрижени поради затворањето на училиштата – што да се прави со матурскиот испит