Матурантите најзагрижени поради затворањето на училиштата – што да се прави со матурскиот испит

Андреј Тодоровски и Анамарија Јанкова се матуранти од Скопје. Андреј учи во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“. Анамарија пак во средното медицинско училиште ,,Д-р Панче Караѓозов”. Најголема мисла во моментов им е што ќе се случува со матурските испити кои треба да ги полагаат годинава, од што пак ќе зависи изборот на посакуваниот факултет. Веќе две недели школите во земјава се затворени поради појавата на новиот коронавирус КОВИД 19.

Андреј вели дека не му е проблем тоа што мора да остане дома, за да се забави ширењето на вирусот во заeдницата, но се плаши од последиците за матурантите.

„Една од тие последици е и во врска со матурата, која ќе биде многу отежната за нас матурантите, поради тоа што токму овие денови во училиште треба да се спремаме за тоа, а и лекциите што остануваа од наставната програма за оваа година се вметнати во државната матура, па ако останат непредадени ќе биде проблем. Онлајн наставата е одлична алтернатива во оваа ситуација, која што веќе започна да се имплементира во некои училишта и по некои предмети, но тука проблемот лежи во тоа што, според мене, професорите не се доволно обучени за тоа и мислам дека нема да биде доволно квалитетна. Би било и решение доколку преостанатиот материјал од оваа година кој ќе биде изгубен и непредаден, да се скрати или да се отстрани од матурската програма. Со сето изгубено време ќе биде многу потешко, посебно на нас матурантите, да се снајдеме со изгубениот материјал.“ вели Андреј.

И Анамарија е загрижена поради тоа што се заостанува со предавањата, а неизвесно е и како ќе се направи оценувањето.

„Училишните тестови и испрашувања на некој начин ни беа показател до каде сме со учењето за матура и кои се оние „дупки“ кои треба да ги пополниме.  Според мене би можеле да се подготвуваме како што правиме со професорката по македонски јазик и литература, така што таа ни праќа материјали за учење, тестови за самопроверка и е секогаш достапна доколку нешто не ни е јасно. Сметам дека тој метод треба да го применат и другите професори по оние предмети кои сме одбрале да ги полагаме“, вели таа.

Додава дека се во секојдневен контакт со соучениците од средното медицинско училиште, каде скоро сите се загрижени.

„ Сите сме збунети и многумина од нас сметаат дека сиот труд да го подобрат својот успех во училиште ,,би паднал во вода” поради тоа што сега се уште нема начин на кој би можеле да ги поправиме оценките. Како резултат на тоа не би можеле да го добиеме посакуваниот просек за на факултет. Се на се сметам дека оваа состојба во образованието прави извесна штета, но истата би можела да биде до некој степен избегната ако се донесат решенија кои би не извлекле од оваа неизвесност. На тој начин би биле поподготвени за што и да било во преостаниот период од нашето школување“, додава Анамарија.

И наставниците бараат решенија

Љупка Боцевска, професорка по македонски јазик и литература во СУГС Гимназија „Орце Николов“ се потсетува дека и досега се случувале ситуации кога дел од наставните содржини не биле во целост реализирани, па учениците успеале да го завршат и образованието без посериозни последици врз полагањето државна матура. Оваа ситуација, вели, е можеби најважната животна лекција што ќе ја научат учениците.

„Проблемот со државната матура би можел едноставно да се реши на тој начин што оваа година во матурските задачи нема да бидат ставени содржини од завршната година, а оние предмети коишто се изучуваат во четврта година да бидат изземени од оваа државна матура или пак да бидат опфатени со скратена програма којашто по некаква логика се работи во првите три тримесечја. Секако, наставниците се тука за да им помагаат на учениците и да им даваат насоки и сугестии за учење, материјали, вежби, тестови и сл“, предлага професорката.

Таа е загрижена бидејќи како општеството нема доволно ресурси, знаење, стручна подготвеност за одржување вистинска онлајн настава, ниту пак конкретна национална стратегија за справување со новонастанатата ситуација. Од Министерството за образование и наука, појаснува,  дури попладнето на 23 март, стигнал допис со кој  наставниците се задолжуваат да држат настава на далечина и да го продолжат воспитно-образовниот процес, но без конкретни насоки.

„ Доколку се почне (со настава) во мај, учебната година за матурантите би требало малку да се продолжи, а тоа повлекува и одложување на државната матура. Доколку ситуацијата ескалира и отпочнувањето со настава не биде возможно до јуни, тогаш можеби треба да се размисли за испитен модел во јуни-јули. Учениците ќе добијат насоки од предметниот наставник за содржините од материјалот коишто ќе треба да ги научат, вежби, посочена литература и потоа писмен испит во јуни. Училиштата ќе треба да се организираат околу термините за испитите и просторните капацитети. Во тој случај и матурата би била одложена, можеби во јули или во оној втор термин во август, а тоа значи и одложување на термините за упис на факултет. Секако треба да се направат напори да се заврши оваа учебна година и да се избере најсоодветниот модел кој нема да им наштети ниту на учениците, ниту на наставниот кадар“, вели професорката.


И Билјана Ристова, професорка по македонски јазик и литература во СУГС „Владо Тасевски“ појаснува дека токму последното тримесечје требаше да биде посветено на подготовка за полагање на државната матура. Но вонредните околности го спречија тоа.

„Електронската комуникација, како замена на класичната настава, не може да има ист ефект. Тука недостига улогата на наставникот-ментор кој преку непосредната комуникација најдобро ќе ја координира работата на сите учениците и ќе ја следи нивната работа. Сега треба да покажат зрелост и одговорност кон учењето како самостоен процес“, вели таа.

Двете професорки апелираат надлежните да пронајдат начин оваа учебна година да се заокружи на најбезболен начин, а на учениците им порачуваат да го искористат времето кое го имаат на располагање во екот на изолацијата.

„Треба да го повторат изучениот материјал и да решаваат тестови кои се спроведени изминатите години, а наставникот може да советува и насочува (преку електронска комуникација). За жал, во овие услови друга опција нема. Можеби материјалот треба да се сведе на три години, без последната. А можеби најдоброто решение е да не се полага државна матура, а при уписот на факултетите да се земе предвид успехот на учениците. Лично сметам дека државната матура треба да се замени со приемен испит на факултетите. Сметам дека матурата е преобемна, особено предметот Македонски јазик и литература, а приемниот испит би бил попрецизен во барањата што се соодветни за определен факулет – според знаењата, афинитетот и интересот на идните студенти“, завршува професорката Ристова.

Ана Попризова, психолог во СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје,  вели дека најгорливо прашање за неа е прашањето за матура, посебно за учениците кои сакаат да студираат во странство.

„Особено што доста работам со ученици кои аплицирале и се примени на странски универзитети. За нив, дипломата и оцените од матура се многу значајни, како и роковите за доставување на потребните документи. Апелирам до надлежните за итно изнаоѓање на решение за оваа состојба“, вели Попризова.

Според неа, во моментов институциите немаат капацитети и можности, ниту систем за спроведување електронско полагање на матурскиот испит.

„Останува да се пристапи кон некое решение кое е вообичаено за кризни ситуации. Дали да се утврдат „предвидени оценки“, врз основа на постојниот успех на учениците  или да се издадат потврди за завршена учебна година, па да се надокнади изгубениот материјал со прилагодување на наставните програми, останува на надлежните да го дефинираат моделот кој ќе го одберат како најсоодветен“, вели таа и додава дека во моментов најважно е сите ученици, наставници и родители да останат во добро здравје и да има што помал број жртви од вирусот.

МОН: Нема потреба од паника

На новинарските прашања за државната матура, полагањето и дали состојбата со коронавирусот ќе ги одложи испитите, на вчерашната прес-конференција министерот за образование Арбер Адеми тврди дека МОН ја следи ситуацијата.

„Датумите за полагање на матурата се предвидени со календарот за организирање за учебната 2019/2020 година. Веќе имаме конкретен предлог од Државниот испитен центар, кој е доставен кај мене и ќе одлучуваме според состојбата. Нема потреба од паника, од вознемирување, дај боже час поскоро да завршиме со овој предизвик и оваа состојба. Ќе има полагање на државна матура, уписен рок и уписна сесија, уписи во високо-образовните установи“, рече тој.

Ана Илиева и Стефан Митиќ