7 години затвор за Катица Јанева и 9 години затвор за Бојан Јовановски за аферата „Рекет“

Кривичниот суд ја осуди на 7 години затвор поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, додека Бојан Јовановски доби 9 години затвор за нивната вмешаност во процесот кој во јавноста стана познат како афера „Рекет“.

Јанева е осудена за злоупотреба на службената положба и овластување, додека Јовановски беше осуден за две кривични дела, примање награда за противзаконито влијание и перење пари.

Судот утврди дека обвинетите се виновни затоа што од ноември 2018 до април 2019 Јовановски со искористување на своето влијание врз Јанева, преку претходно воспоставено пријателство, влијаел да се извршат службени дејствија во случајот „Империја“ во кој обвинет е бизнисменот Орце Камчев. За да му се олесни процесот на Камчев и одредената мерка притвор, Јовановски од бизнисменот зел награда од 1,5 милиони евра, додека Јанева прибавила имотна корист од 50.000 евра и мебел во вредност од скоро 5.000 евра.

„Овој процес е многу специфичен и многу важен за нас како општество поради штетата која ја нанесе во довербата на правосудните органи. За разочарувањето кое го претрпеа граѓаните. За поддршката која ја даваа на Специјалното јавно обвинителство, во очекување дека сторителите на инкриминираните дејствија ќе бидат санкционирани за делата кои ги направиле. Или со еден збор, за опстанокот на моралот на едно општество“, рече судијката Васка Николовска-Масевска при читање на пресудата.

Целиот случај околу аферата „Рекет“ траеше повеќе од една година. Се одржаа околу 36 рочишта, а искази дадоа 30 сведоци и изведени пред судот биле 270 материјални докази.

Јанева не присуствуваше на изрекувањето на пресудата од здравствени и лични причини.

Поранешната прва обвинителка во Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, на 15 јули 2019 година поднесе оставка од својата позицијата во СЈО пред објавување на аферата, а беше приведена на 21 август, по што и беше одреден притвор. На 14 септември Собранието ја разреши Јанева од функцијата во СЈО.