„50 села, 50 приказни” – Владата преку проект ќе ги развива селата и руралниот туризам

Владата на вчерашната седница изгласа формирање работна група за реализација на проектот „50 села, 50 приказни”, чија цел е интегриран рурален развој.

Како што соопштија од Владата, овој проект ги таргетира селата со потенцијал за агротуризам, рурален туризам, социо-економски развој, културно наследство.

„Очекувањата од проектот се: зголемен број туристи; ревитализација на туристичката инфраструктура во руралните средини; зголемен број туристички инвестиции во руралните подрачја; промоција на алтернативни форми на туризам како: агротуризам, авантуристички туризам, гастротуризам, етно туризам, екотуризам, ловен туризам и слично; намалување на иселувања од овие рурални места“, наведуваат од извршната власт.

Проектот е предложен од вицепремиерот за економски прашања и има три развојни компоненти: фокус кон подобрување на јавната инфраструктура; економски развој преку подобрување на туристичкиот потенцијал во руралните средини, поддршка за локални производи и услуги, локални саеми и создавање повеќе работни места и развојот на човечкиот и социјалниот капитал, преку поддршка на рурални мрежи, граѓанското општество, обука на населението за локални водичи, заштитата на културното наследство, обичаите и традициите и руралното живеење.

„Главната цел е заинтересираност за развој на туризмот во државата и привлекување македонски граѓани кои емигрирале во странство, да инвестираат во руралниот туризам во своите родни села и на тој начин намалување на иселувањето на младите и креирање зелени работни места“, додаваат од Владата.

Проектот треба да започне оваа година и се очекува да трае четири години, до 2026 година.