40 жртви во бомбашки напад на авганистанска новинска агенција

40 лица загинале во самоубиствен бомбашки напад врз канцеларијата на новинската агенција „Авган Војс“ и соседниот културен центар во Кабул, додека уште 30 се повредени јави авганистанското министерство за внатрешни работи, пренесува Индепендент.

Според сведоците, најголемот број од жртвите биле студенти. Нападот се случил за време на утринската панел дискусија на 38-годишнината од советската инвазија на Авганистан во Општествено-културниот центар Тибијан.

Портпаролот на министерството, Наџиб Даниш, изјавил дека непознат број на бомбаши-самоубијци ја активирале експлозијата пред центарот.

Сајед Абас Хусаини, новинар во агенцијата, изјавил дека имало повеќе од една експлозија за време на нападот, додавајќи дека еден новинар од агенцијата загинал, а еден бил повреден.

Фотографиите од очевидците покажуваат големи штети на местото на нападот, локација која е населена претежно со Шиитски муслимани во западниот дел на главниот град, додека повеќе мртви и повредени лежат на земја.

„Авган Војс“ има поврзаност со Шиитите, но засега никој нема преземено одговорност за нападот. Портпаролот на талибаните преку соопштение отфрлил нивна вмешаност во нападот.

Ова е последен во серијата напади врз авганистански медиумски куќи во последниве неколку години. Следува по напад врз приватна телевизија во Кабул минатиот месец.