35 издание на Поетска ноќ во Велестово

Свеченото отворање на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која годинава ќе се одвива од 18 до 20 август, ќе се случи во петок, во 21 часот, со поетско читање и промоција на книгата „Самодиви“ – која претставува панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес.

Во збирката се претставени дела од поетесите Весна Ацевска, Виолета Танчева-Златева, Лидија Димковска, Снежана Стојчевска, Делвина Крлуку, Љубица Шопова, Сузана Мицева, Павлина Атанасова и Марија Велинова.

По промоцијата на „Самодиви“, ќе следува интернационално поетско читање на кое ќе настапат поети од Германија, Албанија и Косово, а веќе во 22 и 30 часот, на тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово ќе биде отворена ликовна изложба на македонскиот сликар Тони Попов.

Следниот ден, на 19 август, манифестацијата ќе продолжи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, покрај Охридското Езеро.

Во соработка  со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во 17 часот ќе се одржи поетско читање и промоција на книгата „Ново раѓање на зборот – антологија на македонската млада поезија“, изработена од страна на Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски.

На поетското читање во рамки на промоцијата, свои дела ќе читаат младите поети Ивана Јовановска, Андреј Медиќ Лазаревски, Марија Велинова, Исток Ј. Улчар, Павлина Атанасова, Макрина Јорданова, Емануела Ковачевска Китановска, Јована Стаматовска.

По ова ќе следи интернационално поетско читање, „Зален“,  на кое ќе учествуваат поети од странство и земјава.

Во рамки на третиот ден од манифестацијата ќе биде одржана работилница за креативно пишување и дијалог преку преведување поезија, наменета за млади, насловена „OH READ #2“, интернационално поетско читање и дебата за важноста на литературните преводи со учесниците и публиката.

Манифестацијата ќе биде затворена со интернационално поетско читање од страна на поети од Германија и Македонија.