25 корпорации побараа од Доналд Трамп да не отстапува од Парискиот договор

Вкупно 25 компании, меѓу кои и Епл, Фејсбук и Гугл, потпишаа писмо во кое апелираат до претседателот на САД да не се откажува од обврските преземени со Парискиот климатски договор од 2015 година.

Меѓу останатите компании се и Мајкрософт, Унилевер и Морган Стенли. Трамп во својата претседателска кампања вети дека ќе отстапи од договорот. Во средата, изјави дека неговата одлука ќе биде објавена во 8 часот по локално време, во Белата куќа денес.

Пред да биде објавено писмото, извршниот директор и основач на Тесла, Елон Маск, објави дека ќе даде отказ од советот на Белата куќа, доколку Трамп одлучи да го откаже договорот.

Според писмото, „непрестаното учество на САД во договорот има позитивни ефекти и за бизнисите во САД, и за економијата, на многу начини“.

Дополнително, пишува дека Парискиот договор создава работни места и развој преку „проширување на пазарите за иновативни и чисти технологии, истовремено засилувајќи ја компетентноста и намалувајќи ги потенцијално штетните влијанија кои климатските промени ќе ги имаат на бизнисот.

Доколку Трамп ги повлече САД од договорот, ќе станат втора нација која не ги гледа климатските промени како политички проблем, заедно со Сирија. Освен овие две земји, и Никарагва не е дел од договорот, но само затоа што смета дека документот не прави доволно за да се справи со климатските промени.

Како еден од најголемите производители на јаглероден диоксид во светот, повлекувањето на САД би значело огромен удар за договорот кој сака да ги ограничи најлошите ефекти на климатските промени.