2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид

Во Република Македонија 2.500 деца од претшколска возраст имаат оштетен вид. Потребно е подобрување на квалитетот во образованието, социјалната инклузија која им е неопходна на децата со визуелно нарушување, инфраструктура, дактилни патеки и многу други работи кои би го олесниле пристапот за нив.

Ова денеска го истакна Суарет Алишан од НВО „Детски свет нов почеток“, на настанот насловен „Различни, посебни, а еднакви – Менуваме“, кој се одржа во Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ по повод 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап – симбол на лицата со визуелно нарушување на видот.

„Бројката од 2.500 деца со оштетен вид е застрашувачка, бидејќи тоа се деца од претшколска возраст и во неа не се опфатени децата од основните и средните училиштата, високото образование или деца кои никогаш немале пристап до училишната клупа. Денеска сме тука за да покажеме дека и ние лицата со визуелно нарушување сме еднакви како и останатите без оглед на нашата попреченост, да ги испромовираме нашите цели и заложби за кои како организации се залагагаме“, рече Алишан.

Тој посочи дека се еднакви како и останатите деца, дека училиштето „Димитар Влахов“ е отворено и за останатите деца без оглед дали имаат визуелна попреченост.

„На 15 октомври на плоштадот Македонија ќе се одржи симулација каде луѓе кои немаат пречки во видот со превез ќе свртат еден круг околу фонтаната за да видат како ние лицата со оштетен вид поминуваме едно секојдневие во општеството“, истакна Алишан.

Нагласи дека нивниот фокус понатаму во соработка со сите организации ќе биде активна донаторска сметка, а средствата ќе бидат наменети за мултисензорна опрема и простор, што им е потребно на децата со оштетен вид од најмала до најголема возраст. Додаде дека  Министерството за образование и наука веќе изготвило програма и од 2018/2019 година во оваа установа ќе има преодно средно образование, т.е.општа гимназија.

Директорот на Државно училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимов рече дека се вложиле сите заеднички на учениците да им се овозможат услови и образование какво што им е потребно.

„Мора да се работи на полето на квалитетот на образованието, на условите и на наставните средства и помагала кои им се повеќе од потребни на овие ученици за да можат да ги совладаат содржините предвидени во наставните планови. Очекувам дека оваа иницијатива ќе вроди една плодна соработка и заеднички ќе придонесеме овие учениците ја видат светлината која ја заслужуваат“, рече Јакимов и ја поздрави секоја иницијатива која е во насока на помагање на учениците.

МИА