17 милиони животни угинале во шумските пожари во Бразил

Група научници минатата година направија истражување за бројот на животни кои угинале за време на огромните шумски пожари во мочуриштата Пантанал во Бразил, пренесува BBC. Нивната проценка е дека дури 17 милиони ‘рбетници угинале, вклучувајќи влекачи, птици и примати.

Шумските пожари гореа помеѓу јануари и ноември, уништувајќи 30% од најголемото тропско мочуриште во светот. Оваа проценка на загубата е објавена во списанието „Scientific Reports“.

Маријана Наполитано Фереира, шеф на науката во Светскиот природен фонд во Бразил објасни дека имало 22.000 посебни пожари регистрирани во текот на 2020 година.

Ова ново истражување ја нагласува, велат истражувачите, важноста да се спречат вакви катастрофи во иднина.

Пантанал навистина гори природно, но шумските пожари во 2020 година беа „апокалиптични“, според Алекс Лис, еколог од Манчестер Метрополитен универзитетот кој интензивно работел во Централен Бразил, вклучително и во Пантанал.

Тие беа „многу различни“ од оние што вообичаено ги доживува регионот и типичниот циклус на горење и закрепнување, објасни Лис.

„Овие пожари беа невообичаени поради нивниот обем и беа јасно поврзани со мегасушата што [областа] ја доживуваше во тоа време.“

„Пантанал не може да продолжи да гори во оваа огромна мера од година во година – биолошката разновидност не може да закрепне од тоа“, додава тој.

Самата студија беше заснована на броење на тела. Научниците успеаја да стигнат до областите на мочуриштето во рок од 48 часа по пожарот. Тие одеа по трактати во одредени интервали и го испитуваа секое мртво животно што ќе го најдоа.

Тимот успеа да ги идентификува видовите на 300 животни што ги пронашле. Тие потоа приближно одредиле од областа што ја испитувале за да дадат проценка колку животни биле убиени вкупно.

Валфридо Мораес Томас, еколог од истражувачкиот институт Ембрапа Пантанал во Бразилија, ја предводеше студијата. Тој за BBC изјави дека тој и неговиот тим „не се изненадени од бројките“, со оглед на огромните географски размери на катастрофата.

Она што го изненади, рече тој, е како одредени групи на видови биле повеќе погодени од другите.

„Екстремно високиот број на убиени змии нè тера да се прашуваме за каскадните ефекти“, објасни тој.

„Змиите обично се предатори на малите цицачи, жабите. Ова влијание може да резултира со незамислива нерамнотежа во екосистемот“, додаде тој.

Мочуриштата се наоѓаат низ Бразил, Парагвај и Боливија и се едно од областите со најголем биодиверзитет во светот. Илјадници видови, вклучувајќи јагуари, мравојади и птици преселници живеат во областа од 140.000-160.000 квадратни километри.

Фереира од Светскиот природен фонд во Бразил појасни дека теренското истражување сè уште е во тек.