Светскиот сервис на ВВС најави проширување на 11 нови јазици

Корпорацијата ВВС објави најголемо проширување на Светскиот сервис од 1940-тите до денес, односно 11 нови јазици на кои ќе бидат достапни вестите и радиото.

Новите јазици ќе бидат афраан оромо (се зборува во Етиопија и некои делови на Кенија, Сомалија и Египет), амхариски (втор најчесто зборуван јазик во Етиопија), гуџарати (мајчин јазик на индиската држава Гуџарат) , игбо (официјален јазик во Нигерија, се зборува и во Екваторијална Гвинеја), корејски, марати (јазикот на индиската држава Махараштра), пидгин (верзија на англиски која се зборува во делови на Западна Африка, особено Бенин и Того), пунџабски, телугу (зборуван во Андра Прадеш и Телангана), тигринја (официјален јазик на Еритреја) и јоруба (југозападна Нигерија и делови од Етиопија).

Новите сервиси ќе започнат со работа од 2017 година.

„Ова е историски ден за ВВС, бидејќи ја најавуваме најголемата експанзија на Светскиот сервис од 40-тите“, изјави генералниот директор на ВВС, Тони Хол. „Како што продолжуваме со проширувањето, се остварува мојата визија за самоуверен, надворешно ориентиран ВВС, кој го носи најдоброто за нашето независно, непристрасно новинарство и забава од светска класа, на половина милијарда луѓе низ светот“, додава.

Со новото проширување, вестите и радиото на ВВС ќе бидат достапни на 40 јазици, меѓу кои и англиски. Целта на медиумската куќа е до 2022 година да има публика од 500 милиони луѓе низ светот.