Журка со квалитетни македонски хитови во Дебар маало и емисијата „Преживеалица“

Од брановите на Радио МОФ, емисијата „Преживеалица“ се сели на дебармаалските бранови. Оваа сабота, во кафулето „Нано бар“, ќе се пуштаат стари македонски хитови, кои ќе потсетат на духот на времето кога македонската музика вистински и слободно живееше.

„Да се олабавиме после „преживеаната“ петочна ноќ, или пак, да истераме едно слободно, сончево саботно матине со сите слободни и шарени звуци на старите македонски хитови.
Еден саботен музички времеплов кој ќе не однесе далеку во 50-те и ќе не фрли назад во 90-те.  Ќе не потсети за постоењето на македонска забавна музика и ќе не` подготви за она што ќе следи во саботната вечер“, се вели во поканата за настанот.

Целта на овој музички настан, како што велат организаторите Бобан Кулески, Тања Рибарска и „Нано бар“ , е да се врати духот на старото Скопје.