Жена доби прва вештачка рака која чувствува допир применлива надвор од лабораторија

Научниците во Рим за прв пат успешно вградија на човек протетичка рака која чувствува допир, а која може да се користи надвор од лабораториски услови.

Примателката Алмерина Маскарело, која ја загубила својата лева рака во несреќа пред 25 години, вели дека чувството е „скоро како да ја има нејзината рака назад“.

Иститот меѓународен тим научници, во 2014 година ја изработи првата протетичка рака која може да чувствува допир, но сензорите на компјутерската опрема поврзани со раката биле премногу големи за да можат да ја напуштат лабораторијата.

Сега технологијата е доволно мала за да може да биде сместена во ранец, што ја прави пренослива.

Развојот на протетичката рака вклучувало инженери, невролози, хирурзи и специјалисти по електроника и роботика од Италија, Швајцарија и Германија.

Начинот на кој функционира протетичката рака е таков што има сензори кои забележуваат информација за тоа дали некој објект е цврст или мек. Овие пораки потоа се поврзани со компјутерот сместен во ранец, кој ги претвора сигналите во јазик разбирлив за мозокот. Информациите се пренесуваат до мозокот на Алмерина преку мали електроди вметнати во нервите на горниот дел од раката.

При тестовите, Алмерина со заврзани очи можела точно да каже дали предметите кои ги допирала се тврди или меки.

„Чувството е спонтано, како да се работи за вистинска рака. Сега конечно можете да правите работи кои претходно беа многу тешки, како облекувањето, кое е сосема обична но многу важна работа – тоа прави да се чувствувате целосно“, рекла Алмерина за ББЦ.

Овој изум претставува нов напредок во невро-протетиката, науката која ги поврзува компјутерите и човечкото тело.

„Одиме се поблиску во правецот на научно-фантастичните филмови како протетичката рака на Лук Скајвокер во „Војна на ѕвездите“ – целосно контролирана, целосно природна, сензорска протетика, идентична на човечката рака“, изјавил професорот Силвестро Мицера, невроинженер од научниот институт во Лозана.

Роботска протеза, подобра од човечка рака, се уште е далеку од реалност, но, научниците веруваат дека тоа може да стане реалност со текот на времето.

„Еднаш кога ќе може да се контролира роботската протеза со вашиот мозок, можете да помислите на создавање на протеза која ќе прави покомплексни работи од рака со пет прсти“, смета професорот Паоло Росини, невролог од Универзитетската болница во Рим.

Научниците оддале признание кон Алмерина и сите останати луѓе со ампутирана рака кои учествувале во проектот. Алмерина успеала да ја носи протетичката рака шест месеци, но сега и е извадена бидејќи се уште се работи за прототип.

Научниот тим се надева дека ќе успеат дополнително да ја намалат потребната технологија за сензорната протетичка рака да се комерцијализира.