Земјотресот кој го разурна Скопје и го спои светот

Во скопската населба „Тафталиџе“ на три километри е целиот свет. Софиска, Женевска, Будимпештанска и Осло се споени со Московска, а таа со Лондонска. Виенска и Прашка се поврзани со Дамаска. Каирска со Римска и Њу Делхи, а Анкарска со Дрезденска и Атинска.

Именувањето на улиците на овој начин бил симболичен гест на благодарност на светот по катастрофалниот земјотрес кој на 26-ти јули 1963 година го разурна македонскиот главен град. 87 светски држави испратиле хуманитарна помош. На место на ниви и ливади биле изградени  бараки за луѓето кои го загубиле својот дом. Така настанала оваа мрежа од триесетина улици. Скопје е наречен „меѓународен град на солидарноста“.

Викторија Николовска живее на Хашка улица. Не пречека во нејзината градина, во куќа која малку е изменета од кога е изградена пред половина век. Неволно се сеќава на ужасот од земјотресот. Кажува дека на овие улици се уште се негува духот на солидарноста.

„Земјата се тресеше, луѓе паѓаа. Се беше растурено. Цел народ излезе на плоштад. Ние кои сме го преживеале тоа ретко зборуваме меѓусебно на таа тема. Овде на овие улици живееме сложно и си помагаме меѓу себе“, вели Викторија.

Повеќе од илјада луѓе настрадаа, а близу двеста илјади останаа без дом. Околу 80 проценти од градот бил уништен.

„Ова не е мое Скопје“

Земјотресот почнал во 5 часот и 17 минути наутро. Тоа и денеска симболично го сведочи часовникот на старата железничка станица кој престанал да чука од тој кобен момент. Недалеку од таму, во центарот на градот, тој 26-ти јули родителите од сон ја разбудиле осумгодишната Ана, излегле на терасата и гледале во Офицерскиот дом паѓал пред нивните очи.

„Се сеќавам на сè. На лелеците и прашината. На трчањето на луѓето кои ги бараа своите роднини и пријатели – дали се живи, што се случило. На тажни лица. Тоа беше една цела вечност. Се сеќавам дека погледот од спалната соба во далечината изгледаше како нешто да гори, а тоа беше изгрејсонцето“, се присетува таа.

Денеска живее со своето семејство на малиот дел од улицата Хелсинки, помеѓу Хаванска и Ташкентска. Вели дека скоро сите бараки на оваа улица се подарок од финската влада. Благодарна е на земјите кои му помогнале на Скопје, среќна е што нејзината ќерка имала желба и успеала да го посети Хелсинки. Заедништвото и солидарноста помеѓу луѓето кои по земјотресот се населиле на овие улици било големо, но тоа полека почнува да се губи.

„Нивниот број е се помал. Некои починаа, некои се отселија. Во тој период се живееше нормален живот и во оваа наша средина беше добро. Секогаш си помагавме, во добро и во зло. Денеска е поинаку. Луѓето се променија, а генерациите кои доаѓаат не го почитуваат премногу тоа заедништво и солидарност“, вели Ана.

Се менуваше и градот. Последниве пет години Скопје доби друг лик. Никнуваа споменици, грандиозни објекти и барокни фасади. Се менуваа имиња на улици.

„Не се сеќавам кога последен пат сум била во центарот на градот. И не ни сакам да одам таму. Случајно бевме со сопругот покрај Вардар и јас го прашав `каде се наоѓаме ние, во кој град`. Скопје го знам во друг лик. Не патам по тоа некое најстаро Скопје. Нормално сè се менува, ама со усул. Ова не беше со усул. Ова Скопје не е мое Скопје“, вели Ана.

Бришење на историјата    

Земјотресот беше светска вест и целиот свет се солидаризираше и помогна Скопје да се изгради. Урбанистичкиот план бил комбинирано решение на познати светски и југословенски експерти, по идејата на јапонскиот архитект Кензо Танге. Проектот бил поддржан од Обединетите Нации.

Македонскиот архитект Георги Константиновски вели дека по земјотресот следувал „златен период“ на модерната архитектура. Денеска со проектот „Скопје 2014“, се брише тој историски период.

„По земјотресот градот доби нова физиономија, во духот на модерната архитектура кој отскокнуваше од останатите југословенски републики. Се изградија фантастични објекти. Оние кои доаѓаа од страна беа помалку љубоморни од убавината на Скопје. Штета што тој период денеска се уништува. „Проектот Скопје 2014“ е голем срам за нашиод народ, нашата нација и нашата Република“, вели Константиновски.

Во изградбата на објектите, за кои вели дека не се барок туку „провизориум“ кој служи за потсмев, тој смета дека воопшто не се води грижа за првото правило на архитектурата: проектираните објекти да се усогласат со околината, а не да ја уништат. Се што е изградено на левата страна на реката Вардар ја негира постоечката архитектура, вели Константиновски додавајќи и дека крајбрежната рекреативна зона се уништува со груби објекти кои се девалвација на модерната архитектура.

„Сега архитектите се анонимуси, односно платеници на власта кои послушно ги исполнуваат своите задачи и ги проектираат овие чуда кои не личат на ништо, туку само претставуваат едно упропастување на современата архитектура. Сега се прави архитектура која не враќа сто, двесте години назад. Духот на градот е уништен“, вели тој.

Колку се безбедни новите објекти?

По земјотресот скопјани негуваа култура на сигурна градба. Но голем број од објектите кои се изградени на мал простор во последните неколку години го отворија прашањето за безбедноста. Што доколку се случи сличен земјотрес. Директорот на Институтот за земјотресно инженерство, Михаил Гаревски, вели дека тој страв е неоснован.

„Со сигурност тврдам дека после 90-тите години од минатиот век градбите се дури и за нијанса подобри, затоа што научните сознанија за проектирање во сеизмички региони се подобрија, а подобар е и квалитетот на марките бетон и арматурата. Но, факт е дека мал број од објектите после 90-тите до 2014 година се лошо проектирани, а некои од нив се со потфрлени марки бетон. Тоа можеби се должи на тој градежен бум, но тоа се објекти најчесто на човек-фирми“, вели тој.

Гаревски објаснува дека по 2014 година се воведоа законски измени за многу ригорозна контрола на сите градежни објекти по однос на земјотрес и други влијанија, посебно на објектите поголеми од 300 метри квадратни. Институтот го контролира објектот во целиот тек на изградбата и без негова дозвола не може да се издадат сите потребни документи од институциите. Вели дека од 2014 година во Македонија се градат најсигурни објекти на Балканот и во Европа.

Објаснува дека екстремните климатски промени немаат влијание на бројот или јачината на земјотресите. Секои 400 до 500 години Скопје го разурнувале земјотреси слични на оној од 1963 година кој беше со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала.

„Веројатноста таков земјотрес да се повтори наскоро не е голема. Но генерацијата на нашите пра-правнуци повторно ќе доживее таков земјотрес“, смета тој.

„Скопје доживеа невидена катастрофа. Но Скопје повторно ќе го изградиме и ќе стане гордост и симбол на братството и единството на југословенската и светската солидарност“.

Тие зборови кои југословенскиот претседател Јосип Броз Тито во Скопје ги изговорил ден по земјотресот, беа напишани на фасадата на старата железничка станица.

Никој не знае каде се наоѓаат буквите од стиропор прекриени со златна боја кои ги потсетуваа скопјани на некои стари спомени, емоции и сеќавања. На едно друго време.

Даниел Евросимоски

*Текстот е првично објавен на сајтот на Ал Џазира Балканс и е адаптиран од авторот за Радио МОФ.